фото: Зоран Антоски

Завршниот крапски риболовен натпревар во рамките на „Боила купот“, ќе се одржува од денеска до недела на Осломејското Езеро.

На овој натпревар зедоа учество 18 риболовни друштва. Организатор на овој куп е локалниот клуб „Хантер Фиш“ од Кичево. Подготовките се целосно завршени и сите учесници на овој натпревар очекуваат врвни резултати, потврди претседателот на клубот „Хантер Фиш“, Бесмир Елези.

– Од денес до недела на Осломејско езеро ќе се одржи завршниот риболовен натпревар за годинава во рамките на „Боила купот“. За овој натпревар помеѓу риболовците во земјава владеше исклучително голем интерес и покрај 18-те екипи кои зедоа учество на овој натпревар, уште голем број клубови кои изразија желба да бидат дел од овој натпревар, нема да можат да бидат дел од овој настан. Подготовени се 18 позиции за исто толку риболовни екипи а секоја екипа ќе ја сочинуваат најмногу тројца членови со по две трски.Водостојот на езерото е на задоволително ниво, така што се очекува крајно изедначен и неизвесен крапски риболовен натпревар – нагласи претседателот Елези.

Помеѓи учесниците е и екипата на клубот организатор „Хантер Фиш“ ,тие најавуваат најдобар годинешен резултат.

– Со искуството стекнато на претходните натпревари и со условите што ги нуди Осломејското езеро, очекуваме најдобар пласман остварен на овие натпревари годинава – рече Кире Пиперкоски, член на екипата домаќин.

Претседателот Елези потсети дека претходниве денови водата од Осломејско Eзеро се користела за гасење на пожарите во Kичевско, во реоните на Козичино, Тајмиште и Бачишта, со што ползата од оваа водна акумулација е повеќекратна.

З.А.