АЛЕКСАНДАР КУЗМАНОВСКИ, ТРЕНЕР НА КК ОЛИМПИК И СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА КАРАТЕ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

  • Клубот постои веќе 20 години и во неговите редови има европски, светски и олимписки младински освојувачи на медали од карате-натпреварувањата во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција, а и секогаш бил костур на македонските репрезентации, вели Кузмановски

Еден од најдобрите македонски карате-клубови, Олимпик од Скопје, и годинава успешно го организира четвртиот по ред Меѓународен турнир „Олимпик опен 2026“, кој обедини 1.075 натпреварувачки од десет држави и претставуваше вистински празник на спортот, дисциплината и пријателството, а се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
– Клубот постои веќе 20 години и во неговите редови има европски, светски и олимписки младински освојувачи на медали од карате-натпреварувањата во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција, а и секогаш бил костур на македонските репрезентации. Од година на година се зголемуваат и бројот на луѓето и спонзорите што сакаат да помогнат овој интернационален турнир да остане традиционален секоја година. Нивниот придонес и сега беше клучен за реализација на еден од најзначајните спортски настани во Македонија годинава – вели тренерот на Олимпик и селектор на сениорската репрезентација на Македонија, Александар Кузмановски.

Според Кузмановски, сите учесници, тренери, гости и публиката биле позитивно изненадени од квалитетот и перформансите на годинашниот турнир.
– Со голема гордост ќе продолжиме да ја промовираме и претставуваме нашата Македонија на меѓународната сцена низ светот. Овој настан беше поддржан од Министерството за спорт и од Општина Аеродром, а присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, и заедно со министерот за спорт Борко Ристовски го отворија најдобро организираниот спортски настан година, кој личеше на едно европско и светско првенство, со најави и светла, видеобим со подиум, а имаше и директен пренос во живо од борбите во опен-категориите. Им благодариме на сите што се дел од нашата приказна и што заедно создаваме успех што инспирира – рече Кузмановски, кој го води клубот заедно со вториот тренер Кристијан Младеновски.

Кузмановски е задоволен и со остварениот пласман на неговиот клуб на овој квалитетен турнир.
– Најдобар клуб на турнирот по пласмани е Олимпик од Скопје, второпласиран е Металург од Скопје, а пехарот за најдобар третопласиран клуб го доби Феникс од Прилеп. За секој првопласиран натпреварувач во сите категории во кати и во борби, како и за екипите, имаше пехар и медали – рече тој.

Од 20 до 24 мај македонските каратисти ќе бидат пред нов предизвик, ги очекува Европското првенство (ЕП) за сениори. Кузмановски, кој е селектор на сениорската репрезентација од 2021 година, како и секогаш е оптимист, а најмногу поединечни репрезентативци, четворица, кои изборија пласман на ЕП, има токму од неговиот клуб Олимпик.
– Како и секогаш, верувам во моите репрезентативци. Очекувам голема борбеност до последниот атом на татамите, како и освојување медал, а со тоа и континуитетот на освојување медали на големите натпреварувања да продолжи и понатаму – вели Кузмановски. Г.И.