Фото: ЕПА

Речиси 300 предмети од ЛОИ 2024 се додадени во најголемата колекција на олимписки артефакти во светот, која се наоѓа во Лозана и содржи околу 90.000 предмети

ИOK

Првата годишнина од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024 понуди можност да се размисли за нивното извонредно наследство, кое живее и во Олимпискиот музеј. Речиси 300 предмети од ЛОИ 2024 се додадени во најголемата колекција на олимписки артефакти во светот, која се наоѓа во Лозана и содржи околу 90.000 предмети.
– Благодарение на дарежливоста на спортистите, Олимпискиот музеј може да ја исполни својата улога како чувар на олимпиското наследство. Овие артефакти ни помагаат да ги споделиме инспиративните приказни на оние што ги носеле и да им оддадеме почит на сите оние што учествувале во олимпиското патување – вели заменик-директорката Јасмин Мајхтри на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), на својата официјална веб-страница.
Меѓу најсимболичните дополнувања се официјалните медали дизајнирани од Шоме, кои вклучуваат автентични фрагменти од Ајфеловата кула. Музејот исто така ги зачувува личните приказни зад медалите. Џулиен Алфред, првата атлетска олимписка шампионка од Света Луција, ја донираше опремата од нејзината историска победа на 100 метри. Сифан Хасан од Холандија, која помина 62 км во три дисциплини за да освои злато во маратон и две бронзи, исто така ја донираше својата опрема за трчање. Други значајни моменти вклучуваат костуми на францускиот пливач Леон Маршан, трико на бразилската гимнастичарка Ребека Андраде, рекетот на српскиот тениски великан Новак Ѓоковиќ и патиките за борење на Кубанецот Михаин Лопез, кои ги остави на тепихот по неговото рекордно петто злато во низа.

Покрај предметите, музејот собра повеќе од 36.600 фотографии направени од фотографи на ИОК, 230 часа ексклузивно видео и 6.638 часа емитување произведено од Олимписките радиодифузни услуги. Сето тоа претставува неспоредлив рекорд за едно издание на Игрите, пишува ИОК.
Исто така, изложено е и културното наследство на Париз 2024. Костимите од церемонијата на отворањето и затворањето, вклучувајќи ги и оние на „Златниот војаџер“ и пијанистот што настапи додека висеше над стадионот „Стад де Франс“ и двата создадени од швајцарскиот дизајнер Кевин Германие, кои покажуваат како Париз 2024 го спои спортот со уметноста, историјата и изведбата. Со интегрирање на овие артефакти и аудиовизуелни архиви во своите колекции, Олимпискиот музеј гарантира дека наследството на Париз 2024 ќе биде проучувано, толкувано и многу споделувано по првата годишнина. Во меѓувреме тимот на музејот веќе се подготвува за понатамошно проширување на олимписките колекции со нови аквизиции на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано-Кортина 2026. Г.И.