• Победниците во осум категории ќе бидат избрани од членовите на академијата „Лауреус“, на церемонијата закажана за 20 април во Мадрид

Олимписките шампиони Арманд Дуплантис, Сидни Меклафлин-Леврон и Кејти Ледецки се меѓу кандидатите за светските спортски награди „Лауреус“ за 2026 година, кои ќе се одржат во Мадрид (Шпанија), на 20 април, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Победниците во осум категории ќе бидат избрани од членовите на академијата „Лауреус“.
Во поединечна конкуренција за наградите за светски спортисти за 2026 година номинирани во машка конкуренција се Карлос Алкараз (Шпанија, тенис), Усман Дембеле (Франција, фудбал), Мондо Дуплантис (Шведска, атлетика), Марк Маркез (Шпанија, мотоциклизам), Тадеј Погачар (Словенија, велосипедизам), Јаник Синер (Италија, тенис), а во женска конкуренција Аитана Бонмати (Шпанија, фудбал), Мелиса Џеферсон-Вуден (САД, атлетика), Фејт Кипиегон (Кенија, атлетика), Кејти Ледецки (САД, пливање), Сидни Меклафлин-Леврон (САД, атлетика), Арина Сабаленка (Белорусија, тенис).
Светскиот рекордер во скок со стап Дуплантис ја доби оваа награда за 2025 година, Алкараз, гранслем-шампионот на Ролан Гарос и на САД опен лани, во 2023 година ја освои наградата „Лауреус“ за светски пробив на годината, Дембеле е добитник на „Златната топка“ за 2025 година, Маркез е светски шампион во Мото ГП, Погачар е победник на Тур де Франс четврти пат за шест години, а Синер во 2025 година освои две гранслем-титули, Австралија опен и Вимблдон, пишува ИОК.
Меклафлин-Леврон и Фејт Кипиегон се олимписки златни медалистки и светски рекордерки во атлетика, Џеферсон-Вуден е светска шампионка на 100 метри, 200 метри и во штафетата 4×100 метри, Ледецки стана првиот пливач, маж или жена, што освои седум последователни светски титули на 800 метри слободен стил, Бонмати ја освои третата последователна „Златна топка“, а Сабаленка, светски број 1, минатата година играше во три финалиња на гранслем-турнири, победи на САД опен, пишува Интернационалниот олимписки комитет.
Членови на академијата „Лауреус“, меѓу другите, се Џакомо Агостини, Емерсон Фитипалди, Мика Хакинен (мото-спорт), Борис Бекер, Ли На, Матина Навратилова, Моника Селеш (тенис), Сергеј Бубка, Себастијан Кое, Едвин Мозес (атлетика), Кафу, Алесандро дел Пјеро, Марсел Десаи, Луис Фиго, Раул, Руд Гулит, Карлес Пујол, Франческо Тоти (фудбал), Надја Команечи (гимнастика), Франц Кламер, Алберто Томба, Линдзи Вон (алпско скијање), Ленокс Луис (бокс), Јао Минг (кошарка), Марк Шпиц (пливање), Катарина Вит (уметничко лизгање)… Н.М.