Тигран Петросјан, светски шаховски првак, во Гостивар

Забележано, ненапишано

Најголема спортска манифестација во историјата што се одржала на просторите на поранешната Општина Гостивар до денес, беше и остана деветтото Светско првенство во кајак на диви води во дисциплината спуст.

ПРВПАТ БЕА ИСПУШТЕНИ ВОДИ ОД МАВРОВСКО ЕЗЕРО

Домаќин и технички организатор беше Кајакарскиот сојуз на Македонија, а покровител Киро Глигоров, претседател на СФРЈ, на тогашната заедничка федерација. Три дена, 23, 24 и 25 јуни 1975 година, брзаците на волшебната и преубава река Радика беа мегдан на најдобрите кајакари на светот. На натпреварите учествуваа 60 кајакари од целиот свет, патеката успешно ја поминаа 43 кајакари, а 17 не успеаја да стигнат на целта. Стартот беше во близината на горнореканското село Сенце, а целта кај жировничкиот мост. Натпреварите ги следеа неколку стотини љубители на кајакот од Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга и од мијачките, мавровските, горнореканските и долнореканските села, што претставуваше посебно доживување. Посетителите беа воодушевени од мајсториите на кајакарите, со храброст и знаење успеваа да ги скротат брзаците, низ иглени уши да минат низ карпите и на целта да пристигнат со одлични резултати.
Интересно да се обележи е тоа што за да се одржи светското натпреварување во кајак беше неопходно да се обезбедат доволни количества вода во Радика, па бидејќи природниот доток беше недоволен, не ги исполнуваше стандардите за одржување на натпреварите. Алтернативно решение беше од Мавровско Езеро да се испушта вода во реката Радика, по старото корито во која течеле некогашните мавровски реки пред да се создаде акумулацијата. Проблем беше тоа што откако била монтирана затворачницата, во 1956 година, таа никогаш не била отворена. За да не се случи несакана хаварија, пред почетокот на натпреварите, неколку дена експерти на повеќе технички науки на Електростопанство на Македонија и на Електростопанство на Југославија, од Скопје и од Белград, престојуваа во Маврови Анови и внимателно извршија детални испитувања на обиколниот тунел, на двете метални пеперутки, поставени под браната на Мавровско Езеро, во населбата Маврови Анови, на кота на 1.170 метри, кои требаше да ги одвртат и да ги испуштаат потребните количества вода. Експертите со голема доза страв, не препуштајќи ништо на случајноста, успеаја да ја одвртат затворачницата и да потечат потребните количества вода од Мавровско Езеро, кајакарите ги одржаа планираните тренинзи, натпреварите на трите дена поминаа беспрекорно, а учесниците беа задоволни и искажаа голема пофалба за врвниот квалитет на патеката за спуст на реката Радика.

СВЕТСКИОТ ШАМПИОН ВО ШАХ, ПЕТРОСЈАН, „ИСЧЕЗНА“ ВО МАВРОВО

Советскиот, ерменски шаховски велемајстор Тигран Петросјан, шест години светски шаховски првак (1963-1969), во 1982 година, два дена беше гостин на шаховскиот клуб Братство од Гостивар. Во некогашниот гостиварски ресторан „Маврово“ одигра симултанка со гостиварските љубители на 64 црно-бели полиња, на 65 шаховски табли и забележа победи против сите предизвикувачи.
По завршувањето на симултанката, Гале Фидановски, претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија, Темелко Бошковски, претседател на шаховскиот клуб Братство, и јас (Киро Кипроски) од организацискиот одбор, го однесовме светскиот првак Петросјан на вечера и го сместивме во хотелот „Радика“ во селото Леуново, на брегот на Мавровско Езеро. По патот нашиот драг гостин малку говореше, претпоставувавме дека беше исплашен каде го возиме во таа темна ноќ, никаде светлина, а многу серпентини. Кога пристигнавме пред хотелот, околината беше хортикултурно уредена, паркингот беше асфалтиран, приодите поплочени, на влезот во хотелот имаше послан црвен тепих и го сместивме во претседателскиот апартман, а по половина час ни се придружи. Беше видно расположен: „Искрен да бидам, додека се возевме имав страв, се чудев и си мислев, каде ли ме носите? Но кога се сместив во хотелов, пријатно се изненадив, ви благодарам за одличната организација на симултанката, за пречекот и сместувањето и за вкусната вечера со мавровските специјалитети, искрен да бидам првпат ги вкусувам“.
На разделбата, по вечерата, се договоривме утрото во 10 часот, заедно да појадуваме. Кога дојдовме во салата за појадок, го немаше велемајсторот, го побаравме во апартманот и таму не беше, го баравме во дворот на хотелот, покрај брегот на Мавровско Езеро пејзажите беа есенски, прекрасни, обоени со сите бои, претпоставувавме да не ужива во мавровските убавини. Си помисливме нешто најлошо да не му се случило, не дај боже, одговорноста е наша. Барајќи го низ околината и размислувајќи каде може да „исчезнал“ светскиот шаховски шампион, го здогледавме како трча на брегот на езерото од правецот на селото Ниќифорово. Го пречекавме и за половина час ни се придружи во ресторанската сала. „Извинете што ме пречекавте. Каде и да се наоѓам, дали врне снег или дожд, дали грее сонце или студи, секое утро во трчање и брзо одење минувам по десетина километри. Така и ова утро, се рекреирав 90 минути, поминав покрај селата Ниќифорово и Маврово, се чувствувам прекрасно. Ви благодарам од сѐ срце. Ако ми се даде прилика, пак би сакал да дојдам во овој крај. Македонија е волшебна, а луѓето гостопримливи и благословени“.