- Четири од седумте натпревари во нокаут-рундата на ЗОИ 2026 завршија по продолженија, вклучувајќи ја и победата на САД на дуелот со Канада во натпреварот за златниот медал, пишува АП. Спортот го доби вниманието со враќањето играчи од НХЛ-лигата на ЗОИ по 12-годишна пауза
Долгото чекање најдобрите хокеари во светот да го освојат мразот на меѓународен турнир ги оправда очекувањата, откако четири од седумте натпревари во нокаут-рундата на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д`Ампецо завршија по продолженија, вклучувајќи ја и победата на САД на дуелот со Канада во натпреварот за златниот медал, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Спортот го доби вниманието со враќањето играчи од НХЛ-лигата на ЗОИ по 12-годишна пауза.
– Ова е најдобро што може да се случи. Мора да продолжат да го прават тоа – рече американскиот напаѓач Винсент Трочек, пренесе АП.
Тоа е планот.
НХЛ-лигата, Синдикатот на хокеари (НХЛПЛ) и Интернационалната федерација за хокеј на мраз (ИИХФ) имаат договор за учество на ЗОИ 2030 во Француските Алпи, во очекување на финализирање на договорот со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Но следната шанса за натпревар меѓу најдобрите не е толку далеку, Светскиот куп во хокеј, закажан за февруари во 2028 година, пишува АП.
НХЛ-лигата и Синдикатот на хокеари се во блиска соработка по многу прашања, вклучувајќи ја и целта за воспоставување меѓународен календар со ваков вид турнир секоја втора година. Исто така и ИИХФ е согласна.
– Светот на хокејот од гледна точка на НХЛ и на НХЛПА е подобар кога Здружението на играчи и лигата соработуваат, а на меѓународно ниво, кога овие три организации соработуваат. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да соработуваме со претседателот на ИИХФ, Лук Тардиф, за понатамошен развој на играта. Тоа е целта и колку повеќе работи можеме да направиме заедно, толку подобро ќе биде за сите – рече комесарот на НХЛ, Гари Бетман.
Ова беа шести ЗОИ со играчи од НХЛ-лигата откако учеството почна во 1998 година, во Нагано. САД првпат освоија злато во машки хокеј на ЗОИ откако играат хокеари од НХЛ. Тоа беше прво за таа репрезентација по тоа на ЗОИ 1980. Н.М.

































