Фото: ЕПА

По позитивната инаугуративна сезона, правиме два значајни чекора напред за 2024 година. Воведувањето поени за суперлиценца на ФИА е доказ за силата на Ф1-академијата и ќе помогне да се поттикне напредокот на нашите возачки, рече Сузи Волф, извршна директорка на Ф1-академијата

ВО НОВАТА СЕЗОНА

Ф1-академијата објави дека првите пет пласирани на табелата за возачки годинава ќе освојат поени за суперлиценца на ФИА. За некој да се трка во Формула 1, потребни се 40 суперлиценцни поени, што значи дека Ф1-академијата може да биде чекор кон тоа жена да влезе во највисокиот ранг на мотоспортот, пишува „Скај спорт“.
Се вели дека развојот е признание за „структурата на натпреварувањето, посветеноста на развојот на возачките и за техничките вештини потребни за да се натпреварува во серијата“, пишува „Скај спорт“. Победничката од сезоната 2024 ќе добие 10 поени за суперлиценца, возачите на второто и на третото место седум, односно пет, потоа три поени ќе добие возачката што ќе се пласира на четвртото место, а петтопласираната ќе добие еден поен. Ќе има и влез со т.н. вајлд-карта (покана) на одредени трки низ календарот, а Академијата ќе работи со промотори на трки за да ги идентификува талентираните млади жени и да им понуди влез со покана за одреден натпреварувачки викенд. На трките каде што има влез со покана, актуелниот тимски шампион, ПРЕМА рејсинг, ќе управува со болидот со покана, покрај неговите три болида, и ќе ѝ понуди поддршка и обука на избраната возачка. Учесничките во покана ќе можат да освојат поени во пласманот за возачки. Исто така има ажурирање на спортските регулативи за да се наведе дека возачките можат да се натпреваруваат само во две сезони во Ф1-академијата. Ова правило е воведено, па „секоја година има можности за најталентираните млади жени што доаѓаат низ рангот на картинг и едносед да се натпреваруваат во серијата“, пишува „Скај спорт“.
– По позитивната инаугуративна сезона, правиме два значајни чекора напред за 2024 година. Воведувањето поени за суперлиценца на ФИА е доказ за силата на Ф1-академијата на патеката и ќе помогне да се поттикне напредокот на нашите возачки додека се движат нагоре по пирамидата за едноседи – рече Сузи Волф, извршна директорка на Ф1-академијата, пренесе „Скај спорт“. Н.М.