Во 1991 година во главниот град на Јапонија, Американецот Мајк Пауел во скок во далечина го победи сонародникот Карл Луис и го урна рекордот на Боб Бимон од ЛОИ во Мексико 1968 година. Во Штутгарт паднаа дури пет светски рекорди, а од Гетеборг сѐ уште се паметат „летовите“ во трискок на Џонатан Едвардс

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (2)

Третиот светски атлетски собир беше во Токио, Јапонија, кој по Олимпијадата во 1964 година повторно ги собра светските асови. За првенството да биде повпечатливо и долго да се памети се погрижија Американците Мајк Пауел и Карл Луис, кои во скок во далечина водеа голема борба што на крајот резултира со нов светски рекорд.
Најнапред Луис скокна осум метри и 91 сантиметар, но со помош на ветрот. Потоа Пауел, во следната петта серија скокна осум метри и 95 сантиметри, што претставуваше нов светски рекорд. Конечно беше урнат митот на Боб Бимон, кој уште од ЛОИ во Мексико 1968 година им пркосеше како несовладлива тврдина на ривалите, со оние негови 8,90 метри.
Во последната серија, Луис, кој го освои златото во оваа дисциплина на претходното СП, имаше уште еден обид да го надмине Пауел, но не успеа. Скокна осум метри и 84 сантиметри, што не беше доволно за нов триумф. Пауел остана и со златото и со светскиот рекорд (сѐ уште актуелен), а Бимон замина во историјата. Болката за неосвоеното злато во скокот, Луис сепак ја залечи со триумфот во трката на 100 метри, со што постави хет-трик на светските првенства, а истовремено и резултат што претставуваше светски рекорд, 9,86 секунди. Тој за две стотинки беше побрз од сонародникот Лирој Барел.
Третиот светски рекорд од 37,50 секунди го постигна американската машка штафета на 4×100 метри, која повторно беше предводена од феноменалниот Карл Луис. Украинецот Сергеј Бубка и овде беше супериорен, па по победите во Хелсинки и во Рим го оствари својот хет-трик во дисциплината скок со стап. Потоа, за да покаже кој е кој, тој и на следните три шампионати победуваше и така шест пати во низа го освојуваше златото, што претставува своевиден куриозитет. Во Токио имаше 162 земји со вкупно 1.491 спортист, а меѓу нив беше и Македонецот Исмаил Мачев, кој како член на тогашниот југословенски состав во штафетната трка на 4×400 метри беше четврти.

ШТУТГАРТ: ШАМПИОНАТ СО ПЕТ СВЕТСКИ РЕКОРДИ

Четвртиот најголем атлетски самит се одржа во 1993 година на „Готлиб Дајмлер“, во минатото познат како стадионот „Некар“ во Штутгарт. Тука беа постигнати дури пет светски рекорди, од кои два во трките со пречки. Британецот Колин Џексон претрча 110 метри со пречки за 12,91 секунди и триумфира пред сонародникот Џерет и Американецот Пирс. Овде дојде крајот на ерата на Американците во оваа дисциплина, во која дотогаш рекордер беше Реиналдо Нехемиах.
На 400 метри со пречки во женска конкуренција изненадувањето го приреди исто така атлетичарка од островот. Сели Ганел, која од почетокот на сезоната ја покажуваше својата добра форма, овде експлодира и можеби во највозбудливата трка на светските првенства го освои златото со нов светски рекорд, 52 секунди и 74 стотинки. Така, Ганел им се реваншира на Русинките за поразот на претходното СП во Токио, кога за гради побрза од неа беше Татјана Ледовскаја. Оваа трка беше карактеристична и по тоа што две атлетичарки имаа резултат под 53 секунди, што не беше случај на претходните светски првенства.
Во рекордерската листа влезе и Русинката Ана Бирјукова, која во трискок впиша 15,09 метри. Американските спринтери го израмнија светскиот рекорд на 4×100 метри, 37,40 секунди, а поставија нов на 4×400 метри, 2:54,29 минути. На СП во Штутгарт настапија 187 држави со 1.630 натпреварувачи/ки.

ГЕТЕБОРГ: АНТОЛОГИСКИ СКОКОВИ НА ЕДВАРДС

Стадионот „Улеви“ во Гетеборг (Шведска) беше следната станица за атлетската елита. Тука беа урнати четири светски рекорди, од кои два од феноменалниот Британец Џонатан Едвардс во трискок. Во истата дисциплина, но во женска конкуренција најдобро светско постигнување имаше Инеса Кравец од Украина со 15 метри и 50 сантиметри и конечно во трката на 400 метри со пречки, во листата на рекордерки се впиша и Американката Ким Батен.
Сепак од сите случувања, незаборавни ќе останат антологиските скокови на Едвардс. Британецот најнапред скокна 18 метри и 16 сантиметри, што претставуваше нов светски рекорд. Но возбудата од овој скок сѐ уште не беше стивната, а тој се погрижи за нова, уште поголема возбуда. „Прелета“ дури 18 метри и 29 сантиметри и постигна резултат за атлетски незаборав. Во Гетеборг, Едвардс го достигна својот врв, па веќе на следното СП во Атина беше втор зад Кубанецот Квесада, а во 1999 година во Севилја заврши на третата позиција зад Фридек од Германија и Димитров од Бугарија.
Овој шампионат ќе го памети и Американката Ким Батен, која во една брза трка на 400 метри имаше најдобра ритмика на прескокнување на пречките, што ѝ овозможи во финишот да собере сили за нов светски рекорд, 52,61 минути, а што е поинтересно, таа само за една стотинка беше побрза од сонародничката Тоња Бафорд, која исто така трчаше побрзо од дотогашниот светски рекорд на Ганел. Трета во оваа драматична трка беше Дион Хемингс од Јамајка. Во Гетеборг учествуваа 190 држави со 1.755 атлетичари/ки.

(Во понеделник: СП во Атина, Севилја и во Едмонтон)