Од лево: Атанасовски, Атанасовска, Лазаревски и Ристевски

На натпреварувачки план имавме едно пријатно изненадување на сезоната во женското скијање, а тоа беше 16-годишната Јана Атанасовска. Досега Македонија немала толку успешно девојче. Според овие резултати и предиспозиции што ги поседува, очекувам со својот тренер Александар, кој ѝ е татко, да напредува многу. Се надевам дека ќе постигне уште подобри резултати, оти стартот ѝ беше феноменален. Што се однесува до нашиот најдобар скијач Мирко Лазаревски, кого јас го тренирам, а кој со Ана е во А-тимот, сезоната ја почна квалитетно, но во октомври, кога требаше да влезе во форма и почна да покажува посериозни резултати, имаше скршеница на клучната коска. Сепак, тој оствари некои резултати што беа приближни на ланските, па дури имаше и подобри, така што очекувам следната сезона да биде многу подобра од оваа, вели Ристевски

АНТОНИО РИСТЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА АЛПСКА СКИЈАЧКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Селекторот на македонската алпска скијачка репрезентација Антонио Ристевски на оваа функција е од 2019 година, дојде на местото на Иван Лесевски и ова му е петта сезона како ги тренира и настојува да им го пренесе стекнатото искуство од својата долгогодишна кариера додека беше активен скијач. За сегашната состојба во македонското скијање, изминатата и идната сезона, македонските таленти и друго, разговаравме со скијачот што трипати ги бранеше македонските бои на зимски олимписки ири (ЗОИ).
Како ја оценувате изминатава сезона на натпреварувачки план?
– Имавме релативно тешка сезона, пред сѐ поради условите со немањето доволно снег. Уште од почетокот, кога практично ни почнува сезоната, во мај и во јуни, веќе беше критично, а во јули практично и не можеше да се скија на австриските глечери, каде што и се подготвуваме. Најчесто одиме на Хинтертукс, а таму првпат по 22 години, колку што јас сум во скијањето, крајот на јули, цел август и до 20 септември не можеше да се скија, поради недоволно снег, што секако е и резултат на глобалното затоплување што преовладува во светот. Поради тоа и сезоната беше потешка за скијачите од она што беше планирано и требаше да го одработиме, а немавме можности ниту средства да си го дозволиме и тоа да го надоместиме со тренинзи во сала, на вештачки снег или на другата хемисфера од Земјината топка. Така ни почна изминатава сезона, но ние сепак успеавме да го избалансираме тој момент, да скијаме од 15 јули на тој глечер, а потоа еден дел да тренираме и во сала. На крајот од сезоната имаше некои ледени периоди, но скијачите веќе беа уморни, сезоната заврши, а програмата сепак ја исполнивме, па ни беше потребен период на одмор и рехабилитација. Како и да е, ова беше една од полошите сезони во последните години што се однесува до количеството снег.
Како го оценувате настапот на репрезентативците?
– На натпреварувачки план имавме едно пријатно изненадување на сезоната во женското скијање, а тоа беше 16-годишната Јана Атанасовска, на која годинава ѝ беше прва сезона во ФИС-натпреварувањата, оти претходно се натпреваруваше во категоријата деца. Со последните резултати, таа идната сезона ќе ја почне како 590-та во слалом, со 54,43 ФИС-поени, што е одличен успех. Досега Македонија немала толку успешно девојче. Според овие резултати и предиспозиции што ги поседува, очекувам со својот тренер Александар, кој ѝ е татко, да напредува многу. Се надевам дека ќе постигне уште подобри резултати, оти стартот ѝ беше феноменален. Тоа што не успеа да ги заврши трките на Светското првенство (СП) е резултат на нејзиното неискуство, но и на фактот што беше меѓу елитата на светското скијање. Сепак искуството што го стекна секако е мошне драгоцено за во иднина. Што се однесува до нашиот најдобар скијач Мирко Лазаревски, кого јас го тренирам, а кој со Ана е во А-тимот, сезоната ја почна квалитетно, но во октомври, кога требаше да влезе во форма и почна да покажува посериозни резултати, имаше незгоден пад и доби скршеница на клучната коска. Следуваше оперативен зафат, па период на рехабилитација, а при крајот на декември веќе скијаше и почна да покажува добри резултати, но следуваше повреда на десната потколеница. Сепак, оствари некои резултати што беа приближни на ланските, па дури имаше и подобри, така што очекувам следната сезона да биде многу подобра од оваа. Сезонава Јана извозе четириесетина трки, а Мирко триесетина, додека другите репрезентативци, кои се во Б и во Ц-тимот, по околу 15-20 трки.

Антонио Ристевски

Какви се плановите и очекувањата за идната натпреварувачка сезона?
– Средствата ни го диктираат планот, но најверојатно ќе биде слично како и лани. Следната натпреварувачка сезона очекувам подобри резултати од оваа што измина. Од Јана и Мирко најмногу, а за другите е потешко да се каже, оти и не знаеме кој ќе продолжи да скија, сѐ ќе биде познато пред крајот на мај. Не би сакал да прогнозирам со бројки, сезоната ќе покаже, но очекувам 10-15 отсто подобри резултати од минатава сезона.
Дали жалите за нешто што сте пропуштиле во скијањето додека бевте активен натпреварувач?
– Со скијањето почнав на седум години и секогаш го давав максимумот. Сум стартувал повеќепати во Светскиот куп, имав убава и мирна спортска кариера, без турбуленции. Сум настапил на три ЗОИ, во Ванкувер, Сочи и во Пјончјанг, од кои последните две со исполнета А-норма. Во ФИС-натпреварувањето бев 17 сезони. А, сега, како селектор, настојувам да им го пренесувам знаењето на помладите.


Скијањето е скап спорт

Бројката од 6-7 македонски скијачи што настапуваат во ФИС-натпреварите не е ни многу голема, но ниту мала бројка, со оглед на условите во кои тренираме. Сепак, треба да бидеме реални, скијањето е скап спорт, а луѓето што работат на скијањето се сѐ помалку. Да не заборавиме дека еден професионален комплет за скијање чини 5.000-6.000 евра. Но, некогаш и опремата не се погодува, оти и фабриките не секогаш користат исти материјали, така што и нијанси, ете, одлучуваат за победникот, вели Антонио Ристевски.

[email protected]