Пеповски беше истакнат атлетичар, кој по завршувањето на кариерата остана во атлетиката и даде голем придонес за нејзиниот развој. Со легендарниот пливачки маратонец Климе Савин е заслужен и за подемот на ватерполото во Скопје и во Македонија

МИЛЕ ПЕПОВСКИ

Миле Пеповски е многу интересна спортска личност. Тој од детските години ги покажуваше своите афинитети кон спортот, но никој не можеше да претпостави оти од сите спортови ќе ја одбере токму атлетиката. Инаку, Пеповски како средношколец во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје имаше среќа да налета на една професорска „тројка“ задолжена за реализација на часовите по физичко воспитување. Постарите генерации, кога ќе ги споменам нивните имиња, сигурно ќе се сетат на нив, а некои ќе речат оти и тие биле нивни ученици. Па, еве за кои професори се работеше: Христо Димов, познат како Ице, освен професор беше и познат меѓународен ракометен судија, Михаил Поп Тодоров, во младоста бил одбојкарски репрезентативец, и Нада Пановска, сестрана спортистка, дури и планинарка.
Тие не само што беа искусни педагози туку поради својот родителски пристап кон учениците беа и многу омилени меѓу нив. Ова го кажувам и од сопствено искуство, бидејќи и јас бев ученик во „Цветан Димов“, позната како „машка гимназија“. Тројката Димов, Поп Тодоров и Пановска имаа голема заслуга што од оваа гимназија излегоа многу познати спортисти, кои по завршувањето на кариерата остануваа во спортот и користејќи го своето искуство помагаа тој да се издигне на едно повисоко ниво. Па еве можност да споменеме некои од нив. Александар Књазев беше еден од најдобрите македонски кошаркари, потоа тренер и селектор, браќата Божиновски своите квалитети ги манифестираа во два спорта, Часлав во фудбалот, Зоран во одбојката, Дојчиновски стана познат фудбалер настапувајќи за Вардар, Црвена звезда, а и за југословенската репрезентација. Списокот на познатите спортисти што произлегоа од оваа гимназија е долг, а во него свое место секако наоѓа и Миле Пеповски. Тој во својот спортски век најактивен беше во атлетиката, поточно во тркачките дисциплини на средни и на долги патеки. Потоа беше тренер во АК Вардар, а во меѓувреме доби лиценца за меѓународен судија. Тој како арбитар беше учесник на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година.
Пеповски, за жал, почина во 2005 година, но кај мене останаа сеќавањата на него и на неговите спортски ангажмани. Инаку, тој и професионално беше врзан со спортот, зашто сиот работен век го помина на различни позиции во Претпријатието за управување и одржување на спортските објекти, особено оние што беа изградени од самопридонесот на граѓаните на Скопје во 1979 година. Тој беше раководител на спортските сали во Аеродром и Расадник, а последниот работен ангажман, пред да ја напушти животната сцена, го имаше во базенот „Младост“, кој благодарејќи на неговото искуство, знаење и снаодливост, успеваше да го одржи во „погон“. И во најтешките времиња, кога поради огромните трошоци што ги бараше неговото одржување, кога сите креваа раце, тој се бореше и не дозволуваше овој објект да пропадне.

УСПЕШЕН ВО КРОС-ТРКИТЕ

Сепак, кога ќе се погледне спортскиот профил на Пеповски, ќе стане јасно оти неговото навлегување во спортот беше преку атлетиката. Уште како гимназијалец, по сугестија на професорската екипа од „Цветан Димов“, која погоре ја споменав, тој беше вклучен во училишната екипа за крос- натпреварите. Уште на почетокот Пеповски покажа дека е многу издржлив и за него немаше никаков проблем со леснотија да ги истрча делниците од 1.500 до 5.000 метри. На пролетните или, пак, на есенските кросови, кои во тоа време беа многу чести, Миле или победуваше или беше во првата тројка. Сеќавајќи се на тие денови и трки, во кои во подоцнежниот период и јас учествував, ми навираат спомените и неговите зборови: „Моите тренинзи се долготрајни, зашто знам оти само така можам да бидам поиздржлив. Не ми беше никаков проблем со трчање да стигнам на пример до Сарај и да се вратам до Градскиот стадион, каде што ни беше слоблекувалната. Тогаш, на шега другарите ќе ми речеа „ти си како малото вовче“.
Пеповски беше столб во екипата на АК Вардар, кој во тие години постојано беше во „војна“ со Работнички. Двата клуба беа водечки во Македонија. Подоцна се приклучија Олимпија од Битола, 3 Ноември од Прилеп и атлетскиот клуб од Тетово. Во битолскиот клуб работеа браќата Чукалкови, во прилепскиот неуморниот Ѓорѓи Гешоски, а во тетовскиот големиот ентузијаст Крсте Серафимовски, кој до пред некоја година беше и претседател на Атлетската федерација на Македонија. Овие податоци не случајно ги споменувам, зашто токму во тие години почна вистинскиот расцут на македонската атлетика. Ете, во тој период, кога апетитите на спортскиот свет во Македонија пораснаа и сите посакуваа нашите спортисти да бидат рамноправни со оние од другите републики и покраини, за атлетиката да земе поголем замав беше ангажиран и врвниот тренер од Бугарија Ѓеорѓи Нечев. Во негово време поникнаа многу шампиони и рекордери предводени од Сотир Гавриловски и од Зоран Тасевски. Миле Пеповски, пак, кој ги трчаше последните трки размислуваше на повлекување и свртување кон тренерската работа. Со истата мисла беше и неговиот клупски другар Симе Георгиевски, кој беше одличен тркач на 800 метри, за подоцна да стане тренер во АК Вардар. Токму благодарејќи на двајцата, а и на вредниот атлетски работник Џоџа Грековски, клубот многу години опстојуваше, а беше главен организатор на првите меморијални митинзи во знак на сеќавање на големиот ас Лазо Милошевски.

ВАТЕРПОЛО-ТАНДЕМ СО КЛИМЕ САВИН

Откако направив една дигресија на тоа време, повторно се враќам на нашата спортска легенда Миле Пеповски. Но овој пат ќе се задржам на нешто што подоцна беше карактеристично за него. Паралелно со извршувањето на функцијата директор на базенот во Карпош се вклучи и во работата на пливачките и ватерполо-клубовите во Скопје, а го формираше и ватерполо-клубот Младост. Потоа со голем елан продолжи да работи на подобрувањето на условите во ватерполото, во кое се вклучи и поранешниот ватерполист и познат пливачки маратонец Климе Савин. Кога веќе го споменав Савин да кажам дека тој беше надарен за сите спортови на вода. Во пионерските денови, а подоцна како младинец и сениор, беше пливач, потоа и ватерполист, а можеби малкумина знаат оти тој беше и одличен едриличар, дури и победник на една од охридските регати на патеката Охрид – Свети Наум – Струга – Охрид.
Сега, од оваа временска дистанца, се сеќавам на зборовите на Миле: „Климе Савин е човек што знае да ги почитува спортските достигнувања, зашто и тој беше голем спортист. Замислете во една конкуренција на македонски, а и светски пливачки маратонци, местото му беше во самиот крем. Затоа не е случајно што и патеката на Охридско Езеро го носи неговото име“.
Пеповски разви голема соработка со Климе Савин, за кого имаше само пофални зборови.
– Да има повеќе вакви спортски работници како Климе Савин, спортот кај нас ќе цути – знаеше честопати да каже Миле.
Со него ватерполото заживеа, а благодарејќи токму на него, во 80-тите години на минатиот век бевме домаќини и на едно финале на Купот на европските шампиони.

ВКЛУЧЕН ВО МНОГУ МАНИФЕСТАЦИИ

Сето она погоре кажано ја оцртува личноста на Миле Пеповски. Тој беше човек што секому сакаше да му помогне, па кога ќе се појавеше потреба за помош во кој и да е спорт Миле беше тука. Се сеќавам само на неговиот самопрегор, кога со големо задоволство го прифати повикот на нашиот голем другар Душко Ангеловски да се вклучи во организацијата на првиот Скопски атлетски маратон. Беше одушевен, па и тој, како и сите ние на кои атлетиката ни беше блиска, влеговме во оваа авантура. Но со време се покажа оти ова не беше само авантура, туку една реалност што стана нераскинлив дел на нашето спортско живеење, за денес скопскиот маратон да влезе и во светската серија атлетски маратони.
Потоа, Миле заедно со Душко беше носител на целокупната техничка организација на популарните РТВ-кросови, кои во 70-тите години од минатиот век го разбрануваа спортскиот живот во Македонија. На кросовите учествуваа натпреварувачи од сите возрасти, трчаа од најмладите до најстарите. Двајцата ја промовираа, а потоа и ја реализираа идејата за организирање атлетска Божиќна трка што се одржуваше на скопскиот плоштад и околните улици. А сето тоа го правеа со помош на пријателите, без скршена пара од институциите. Често се случуваше, доколку се појавеше некој непланиран трошок, да го покријат од сопствениот џеб.
Миле Пеповски беше познат и како директен учесник во организирање на церемонијата на фрлањето на крстот во водите на Вардар. На Водици за сите што подоцна ќе се фрлеа по крстот беа отворани вратите на базенот „Младост“ во Карпош, чии простории служеа како соблекувална. Накусо кажано, Миле Пеповски беше човек со широки погледи што го оцртуваше и неговиот карактер. Затоа, кога пишувам за него, пишувам како за една истакната спортска личност, како за еден голем човек. Трагите што ги остави во спортот, особено во атлетиката како натпреварувач, тренер и судија, а и во ватерполото како спортски работник, не може лесно да се избришат.


Миле Пеповски

Роден: во 1943 година во Скопје, почина во 2005 година
Кариера: Атлетски клуб Вардар, репрезентација на Македонија
Успеси: Првак на Македонија на средните и на долгите патеки, со АК Вардар екипен републички првак
Спортски работник: Еден од главните организатори на првиот Скопски атлетски маратон, потоа и на атлетските РТВ-кросови, основач и претседател на ватерполо-клубот Младост од Скопје