Целосната доминација на ШК Алкалоид на годинашните шампионати е комплетирана, со оглед на тоа дека претходно женскиот тим на ШК Алкалоид ја освои титулата кај дамите

ШАХ – ЕКИПНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Во трилер-завршница што ги изненади и најголемите оптимисти, ШК Алкалоид во последното, седмо коло на Екипното првенство на Македонија во шах со нерешен резултат 3-3 успеа да стигне до својата 27. титула, сметано од 1992 година до денес, од кои тринаесетта во низа. Ждрепката сакаше најтрофејниот шаховски колектив на Македонија токму на крајот да игра со младите играчи што потекнуваат од школата на Алкалоид, но мечот се претвори во можност за сензација, па само сталоженоста и квалитетот на играње под висок притисок им помогнаа на сениорите да успеат да се вратат во игра, откако резултатот беше 3-1 за Мултиесенс.
Изненадувањето во мечот почна со триумфот на Кирил Николовски на шестата табла, кој го казни грубиот превид на ВМ Звонко Станојоски, по што следуваше и триумфот на втората табла, каде што ВМ Лука Дршаковиќ го надигра ВМ Велимир Ивиќ. Ремито на првата табла помеѓу ВМ Александар Инѓиќ и ВМ Леон Ливајиќ не беше изненадување, но затоа на четвртата табла ИМ Емил Ристески се намачи за да дојде до реми со Стојан Велкоски. Во финишот, ИМ Филип Панчевски го совлада Михаил Јорданов на третата табла, а ИМ Тони Лазов блесна во завршницата за да го израмни резултатот во мечот, со победа над Матео Ефтовски.
Тоа донесе апсолутен триумф за овие два клуба на конечната табела од шампионатот на Македонија. Алкалоид е прв со 13 бода (шест победи и еден нерешен меч), а Мултиесенс е втор со 12 бода (пет победи и два нерешени меча), информираат од ШК Алкалоид. И двете екипи останаа непоразени на првенството, кое се одигра во Струмица.
– Со години друг клуб беше наш ривал во борбата за првото место, па откако беше обезбедена таа победа во четвртото коло, надвладеа оптимизмот дека работата е завршена. Во меѓувреме младинците од Мултиесенс играа сѐ подобро од меч во меч и стекнаа голема самодоверба. Тие имаа сѐ што ѝ е потребно на една екипа за успех и ја направија борбата за титулата драматична.

Уште еднаш се покажа дека титулите и рејтингот не играат сами, туку победите ги носат играчите што ќе останат смирени и фокусирани во текот на целата партија и нема да направат грешки. Оваа титула на Алкалоид се должи само на искуството на играчите, кои подобро се снајдоа во последните минути од мечот, додека за Мултиесенс ова второ место сигурен сум дека има вредност како да се први, бидејќи лани влегоа во елитното друштво и годинава имаа цел да изборат опстанок, а се случи сензација – изјави ВМ Драган Јаќимовиќ, капитенот на Алкалоид, информираат од ШК Алкалоид.
За шампионскиот тим на Алкалоид, покрај интернационалците, ВМ Александар Инѓиќ (актуелен европски првак) и ВМ Велимир Ивиќ на првите две табли, настапија уште и ИМ Филип Панчевски, ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов и „велемајсторската гарда“ составена од ВМ Трајко Недев, ВМ Звонко Станојоски и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
Целосната доминација на ШК Алкалоид на годинашните шампионати е комплетирана, со оглед на тоа дека претходно женскиот тим на ШК Алкалоид ја освои титулата кај дамите, каде што ИМ Лела Јавакишвили и ВМ Бела Котенашвили играа заедно со ЖИМ Габриела Коскоска, ЖФМ Моника Стојковска, ЖФМ Моника Жежовска и Леа Ефтовска.
Во освојувањето на второто место кај Мултиесенс учествуваа ВМ Леон Ливајиќ и ВМ Лука Драшковиќ, заедно со Михаил Јорданов, Теодор Јовановски, Стојан Велкоски, Матео Ефтовски, Кирил Николовски и Дино Табаковски. Сите момчиња, кои денес се на возраст од дваесетина години, од најрана возраст ја учат шаховската игра во јуниорската шаховска школа на Алкалоид. Следен предизвик за ШК Алкалоид ќе биде новиот настап на Европскиот клупски куп (ЕКК), кој е на програмата од 18 до 26 октомври во Грција, велат од ШК Алкалоид. Г.И.