Официјалната маскота за ЕМОФ Скопје 2025 е Шајни

Од 20 до 26 јули, околу 4.000 учесници на возраст од 14 до 18 години, од 48 земји, ќе се натпреваруваат во 15 спорта, под олимпиското знаме, а настанот е богат со олимписки традиции, како запален пламен и заклетва на спортистите и на официјалните лица. Токму на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) многу од талентираните европски спортски ѕвезди ги направиле своите први чекори на меѓународната сцена, а тој е и порта за Олимписките игри, со многу медалисти што потоа освоија медали на ЛОИ или на ЗОИ

По точно 200 ден, Македонија ќе биде домаќин на големиот меѓународен спортски настан, Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), спортско натпреварување што се одржува под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), со речиси 35 години традиција. Европскиот младински олимписки фестивал е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, а се одржува под олимписко знаме и е богат со олимписки традиции, како запален пламен и заклетва на спортистите и на официјалните лица, пишува Европскиот олимписки комитет (ЕОК).
Македонија официјално го доби статусот домаќин на 50-то генерално собрание на Европскиот олимписки комитет. Ова меѓународно натпреварување се одржува од 1991 година (првиот летен ЕМОФ беше организиран во Брисел, а зимското натпреварувања почна да се одржува од 1993 година, кога домаќин беше италијанската Аоста), во непарни години. ЕМОФ Скопје 2025, кој на програмата е од 20 до 26 јули, ќе биде 18-ти летен фестивал (во февруари 2025 година на ред е и 17-от зимски, во Грузија).
Според најавите, на Европскиот младински олимписки фестивал во Македонија во 2025 година ќе настапат околу 4.000 учесници од 48 европски земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини (атлетика, бадминтон, баскет 3х3, кошарка, кану-слалом, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и артистичка гимнастика), а ќе има и над 800 волонтери, од цела Европа. Натпреварите ќе се одржуваат на 10 локации, претежно во Скопје, а некои дисциплини ќе се организираат во Куманово, пишува на официјалната интернет-страница на ЕМОФ Скопје 2025.
Токму на европските младински олимписки фестивали многу од талентираните европски спортски ѕвезди ги направиле своите први чекори на меѓународната сцена, а тој е и порта за олимписките игри, со многу медалисти од летните и од зимските ЕМОФ што потоа освоија медали на летни (ЛОИ) или на зимски олимписки игри (ЗОИ), и на најдобрите млади спортисти им дава прво искуство за тоа како изгледа еден олимписки настан, во исто време охрабрувајќи повеќе млади луѓе да практикуваат спорт и да водат здрав начин на живот, пишува ЕОК. Н.М.


БРОЈКИ ЗА ЕМОФ СКОПЈЕ 2025

земји учеснички 48
спортисти 4.000
спортови 15
волонтери 800
локации 10
натпреварувачки денови 8