Првиот фаворит и рекордер на турнирот со седум трофеи, светскиот првак во класичен шах, Карлсен, ремизира со ланскиот победник Ван Форест

ШАХ – ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ

Индискиот велемајстор (ВМ) Гујрати Видит (2.772 рејтинг-поени), со три поени (по две победи и ремија), води по четвртото коло на еден од најстарите шаховски турнири во светот, Вајк ан Зе во Холандија, кој годинава се одржува по 84-ти пат.
Тој во 4-то коло го совлада Русинот Андреј Есипенко (рејтинг 2.714). Цел поен во ова коло оствари и Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров (рејтинг 2.767), кој беше подобар од Полјакот Јан Кшиштоф-Дуда (2.760).
Првиот фаворит, светскиот првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.865), не успеа да го искористи превидот во завршницата на ланскиот победник, Холанѓанецот Жорден ван Форест (2.702), и партијата заврши со реми. Карлсен досега седум пати триумфирал на овој турнир и е рекордер. Победникот ќе биде познат по одигрувањето 13 кола, според еднокружен систем.
Резултати, четврто коло: Видит – Есипенко реми (по 32-от одигран потег), Карлсен – Ван Форест реми (52), Мамеѓаров – Дуда 1-0 (41), Каруана – Дубов реми (36), Прагнанада – Гранделиус 1-0 (64), Карјакин – Гири реми (14), Шанкланд – Рапорт реми (24). Табела по четири кола: Видит три поена, Есипенко, Карлсен, Мамеѓаров, Рапорт, Ван Форест по 2,5, Дуда, Каруана, Прагнанада по два, Гири, Дубов, Карјакин, Шанкланд по 1,5, Гранделиус еден поен.