- Вашеро, 204-ти на АТП-листата, се очекува со овој триумф од денеска да влезе меѓу првите 100 на АТП-листата
Тенисерот од Монако, Валентин Вашеро, неочекувано триумфира на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Шангај, предизвикувајќи вистинска сензација со кревањето на првиот трофеј на ваквите турнири во кариерата, по победата на дуелот со неговиот роднина, Французинот Артур Риндеркнеш (рангиран 54-ти во светот), со 2-1 во сетови (4-6, 6-3, 6-3) за два часа и 11 минути игра.
Со тоа тенисерот, кој е рангиран на 204-та позиција на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), стана најнискорангиран победник на мастерс-турнир од серијата 1.000 во историјата на АТП-турнејата, од 1990 година.
На конкурентот, кој е рангиран на 54-то место на АТП-листата, му беше потребен само еден брејк за да го освои првиот сет. Сепак, Вашеро возврати на ист начин во вториот сет, а славеше и во третиот, одлучувачки сет. Вашеро се очекува со овој триумф од денеска да влезе меѓу првите 100 на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци.
По натпреварот, и двајцата со многу емотивни говори ги искажаа своите импресии. Вашеро со овој успех заработи 1.124.380 долари, а Риндеркнеш 597.890.
Во финалето на турнирот за тенисерки, пак, во Вухан (Кина), вчера попладне играа Американките Коко Гоф и Џесика Пегула. Г.И.