Фото: Пексел

АТЛЕТИКА

  • Ова револуционерно натпреварување на пет километри е наменето да го измени концептот на трчање, да ги надмине географските бариери и да го направи глобалното атлетско првенство достапно во спортските и фитнес-центрите низ целиот свет, пишува Светската атлетика

Првото виртуелно натпреварување во трчање во затворен простор е наменето да ги поврзе професионалните атлетичари и ентузијастите во фитнесот и во спортските центри низ целиот свет, пишува Светската атлетика (СА). Компанијата „Техноџим“ и Светската атлетика го објавија партнерството за почеток на „Ран икс“ (RUN X), првото Светско првенство на лента за трчање, пишува СА. Ова натпреварување на пет километри е наменето да го измени концептот на трчање, да ги надмине географските бариери и да го направи глобалното атлетско првенство достапно во спортските и фитнес-центрите низ целиот свет, а произлегува од заедничката визија на „Техноџим“ и на Светската атлетика, за да ја искористат универзалната популарност на трчањето и да го направат достапно во затворен простор, во фитнес и спортски центри, со целосна безбедност, удобност и без временски или климатски ограничувања, пишува СА.
Од првиот квартал од 2026 година, фитнес и велнес-клубовите од целиот свет ќе можат да се здружат и да ѝ се приклучат на мрежата што го организира првото Светско првенство на ленти за трчање. Почнувајќи од вториот квартал, тркачите ќе можат да се регистрираат за натпреварот што ќе се одржи во четвртиот квартал од 2026 година. „Ран икс“ ќе им даде можност на членовите да се натпреваруваат против професионални спортисти преку рангирања во реално време од учесниците од целиот свет. Резултатите од трката на пет километри ќе бидат сертифицирани преку патеки за трчање поврзани со дигиталниот екосистем на „Техноџим“. Најдоброрангираните учесници во секоја земја, категоризирани по возрасна група, потоа ќе се пласираат на регионални првенства за да се квалификуваат за светското финале.
Во финалето ќе настапат по 10 најдобри во машка и во женска конкуренција во светот, кои ќе се натпреваруваат за првата светска титула на ленти за трчање во возбудлив и привлечен формат што го носи трчањето на сосема ново ниво. „Ран икс“ ќе има награден фонд од 100.000 долари, а Светската атлетика ќе додели вајлд-карти за некои од своите настани од Светската атлетска серија, како што е Светското првенство во трчање на друмски патеки, пишува СА. Н.М.