ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ ВО СКОПЈЕ
По повод двата големи празника на Македонија, 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, и 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, ШКВ Скопје 72 продолжува со организацијата на ветеранскиот шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите 1941-1944“. Фестивалот се состои од три турнири, а победниците се стекнуваат со титулата шаховски првак на Скопје за ветеранска категорија (не помлади од 60 години).
По турнирот во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди), на кој победи ФМ Александар Кралевски и стана ветерански првак во оваа категорија, утре на ред е турнирот во брз шах (пет минути плус три секунди по играч), во 11 кола. Ќе се игра во просториите на ШК Алкалоид, со почеток во 10.30 часот, право на учество имаат шаховските ветерани регистрирани на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ, а главен судија е ФМ Љубомир Хаџи-Манев.
– Досега се пријавени 34 учесници, од кои тројца ФМ, а на наше големо задоволство радува фактот што од Битола настапуваат четворица шахисти, додека еден од Данска. Во меѓувреме е испечатен и прекрасно дизајниран беџ со мотото на турнирот. Сето ова е мошне напорно да се организира, но сепак е вредно она што ние како големи ентузијасти од ШКВ Скопје 72 постојано го правиме – вели претседателот на клубот, Илија Стошевски.
До крајот ќе следува уште турнирот во стандарден шах (90 минути, плус 30 секунди за секој потег по играч), а ќе се одигра од 7 до 13 ноември. Г.И.


































