Тренинзите поминаа во одлична спортска атмосфера, а џудистите ги исполнија очекувањата, давајќи го својот максимум, рече селекторот Паскоски

ЏУДО

Во Скопје се одржаа дводневните џудо-подготовки на потенцијалните и евидентни репрезентативци во возрасната категорија кадети/кадетки. Со тренинзите раководеше селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски, кој наедно во идниот период треба да го одреди конечниот состав со репрезентативци за таа возрасна категорија, кои треба да ја претставуваат Македонија на меѓународни натпревари од повисок ранг. На оваа активност беше присутен и спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Дејан Мицкоски, кој им посака успешни тренинг-подготовки и настапи во периодот што им следува.
– На викенд-тренинзите учествуваа 20 џудисти од возрасната група кадети/кадетки меѓу кои беа евидентирани репрезентативци, но и кандидати за место во репрезентативниот состав. Акцентот беше ставен на проверка на спортската форма, како и нивото на подготвеност за настап на повисок ранг натпревари. Тренинзите поминаа во одлична спортска атмосфера, а џудистите ги исполнија очекувањата, давајќи го својот максимум. Во периодот што следува ќе биде дефиниран составот за учество на Балканското првенство што ќе се одржи на 1 јуни во Црна Гора, по што најуспешните ќе може да очекуваат соодветни завршни подготовки и настап на Европското првенство во Самоков, Бугарија, од 27 до 30 јуни – ни изјави Паскоски. Г.И.