Фото: Пиксабеј

ЗПОИ 2026

Oткако го освои сребрениот медал во биатлон на Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, Украинецот Максим Мурашковски (25) малку понеочекувано ѝ ја даде заслугата на вештачката интелигенција, пишува „Би-би-си“.
– Во последните шест месеци тренирам со ЧетГПТ. Не беше само за тактиката. Тоа беше половина од мојот план за тренинг, мотивација итн. Значи, тоа беше огромен дел од целиот мој тренинг. Го користев како психолог, тренер, а понекогаш и како лекар – рече Мурашковски, откако воден од тренерот Виталиј Труш беше втор во индивидуалната дисциплина во биатлон за мажи со оштетен вид, веднаш зад Кинезот Данг Хесонг, пренесе „Би-би-си“.
Натпреварувајќи се на своите први ЗПОИ, тој се пласира на седмото место во својата воведна дисциплина, машкиот спринт, а има уште три шанси за медали. Во 2023 година тој освои бронза на Светското првенство (СП) и е повеќекратен освојувач на медали на Светскиот куп (СК). Без вештачката интелигенција, тој вели дека ќе се држел до класичен тренинг, како што секогаш правел, со луѓе, но не мисли дека човечките тренери засега имаат за што да се грижат. На прашањето дали мисли дека наскоро тие ќе бидат заменети со вештачка интелигенција, тој вели: „Не целосно за пет-десет години. Но дел од тоа, дефинитивно. Можам да му оддадам голема заслуга на ЧетГПТ. Верувам во него, тоа е револуционерна технологија“, пренесе „Би-би-си“. Г.И.