Настапот во оваа лига за Македонија беше и подготовка за претстојното Европско првенство (ЕП), на кое токму Македонија е еден од коорганизаторите, откако во групата Ц ќе игра со Полска, Холандија, Данска, Чешка и со Црна Гора. Од овие селекции, во Европската златна лига сезонава играа Данска и Чешка, а Полска и Холандија играат во Лигата на нации на Светската одбојкарска федерација
ОДБОЈКА – ЗЛАТНА ЕВРОПСКА ЛИГА
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија не се пласира во плејофот на Златната европска лига, освојувајќи го четвртото место во групата Б, со вкупно шест бода (две победи и четири порази), колку што имаа Белгија и Хрватска, но со подобар сет-количник од црвено-жолтите. Во шестото коло, во Скопје, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски вторпат загубија од Украина, со 0-3 (18-25, 24-26 и 23-25), која со максимални 18 бода и без ниту еден загубен сет е прва во групата.
Настапот во оваа лига за Македонија, која до четвртото коло беше втора на табелата, беше и подготовка за претстојното Европско првенство (ЕП), на кое токму Македонија е еден од коорганизаторите, покрај Италија, Бугарија и Израел. Групата Ц, во која се Македонија, Полска, Холандија, Данска, Чешка и Црна Гора, ќе се игра во Скопје (од 30 август до 6 септември).
Од овие селекции, во Европската златна лига сезонава играа Данска (четврта во групата А, со две победи и четири порази) и Чешка (прва во групата Ц, со пет победи и еден пораз). Полска и Холандија играат во Лигата на нации на Светската одбојкарска федерација, по четири кола Полска има три победи и еден пораз, а Холандија забележа по две победи и порази.
Во Златната европска лига годинава само Украина ги доби сите натпревари и освои 18 бода и само таа не изгуби сет (18-0). Најмалку освоени бодови впиша Словачка (пет, четврта во групата Ц) и имаше само една победа.
На фајналфор-турнирот се пласираа победниците на трите групи, Турција, Украина и Чешка, како и домаќинот Хрватска, а во полуфиналињата в сабота ќе играат Турција – Чешка и Хрватска – Украина. Истите репрезентации играа и на ланскиот фајналфор-турнир, исто така игран во Хрватска (во Вараждин), а на кој победи Чешка.
Најдобар поентер кај Македонците на овој меч од шестото коло беше капитенот Никола Ѓоргиев со 15 поени, пред Александар Љафтов со 11, а кај Украинците Олех Плотнитски со 15 и Тимофил Полујан со осум поени. Во вториот натпревар од ова последно коло, Хрватска (која веќе имаше обезбедено пласман на фајнафорот оти е домаќин, во Задар), ја победи Белгија со 3-1 на свој терен. Г.И.
Савовски е втор блокер во лигата, Ѓоргиев петти поентер…
Македонскиот одбојкарски репрезентативец Филип Савовски е второрангиран во категоријата блокер во Европската златна лига сезонава, со 18 блока на пет натпревари, односно во 20 одиграни сета, или во просек 0,9 по сет, еден блок помалку од првопласираниот, Словакот Петер Ондрович. Од другите македонски одбојкари, Никола Ѓоргиев е петти според бројот на освоени поени (101) со 5,05 во просек по сет, а Александар Љафтов е 12-ти (69) со 3,45 во просек. Најдобар примач е Владо Милев (119), прв сервер кај црвено-жолтите е Александар Љафтов (10 аса, петти вкупно во натпреварувањето). Најдобар додавач на мрежа е Ѓорги Ѓоргиев со 39,34 отсто ефикасност, а веднаш зад него е Филип Деспотовски со 35,14 отсто. Прв забивач во македонските редови е Никола Ѓоргиев (91 смеч, четврти на листата во лигата) или 4,55 во просек итн. Г.И.
ГРУПА Б
Македонија – Украина 0-3
Хрватска – Белгија 3-2
ТАБЕЛА
Украина 6 6 0 18-0 18
Белгија 6 2 4 8-13 6
Хрватска 6 2 4 9-15 6
Македонија 6 2 4 8-15 6
ФАЈНАЛФОР-ТУРНИР
Турција – Чешка сабота
Хрватска – Украина сабота
финалето е в недела