ШАХ – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО ПРИШТИНА

Македонскиот велемајстор (ВМ) и повратник во репрезентацијата Звонко Станојоски (2.405 рејтинг-поени), кој ќе настапи на претстојната Шаховска олимпијада (ШО) во Ченаи, Индија (28 јули – 10 август), го освои првото место на меѓународниот турнир во Приштина.
Во конкуренција на 86 шахисти од шест земји (Албанија, БиХ, Германија, Унгарија, Косово, Македонија), Станојоски (58) освои седум поени (пет победи и четири ремија) и нови 6,9 рејтинг-поени остварувајќи играчки перформанс од 2.445 рејтинг-поени, што може само да го радува селекторот на репрезентацијата ВМ Трајко Недев. Станојоски имаше ист број поени колку интернационалниот мајстор од Косово (ИМ) Ндерим Сарачи (2.487) и Албан Красниќи (2.123), но најдобар дополнителен критериум во однос на двајцата.
На турнирот, од македонските шахисти настапија уште ФИДЕ-мајсторите (ФМ) Дејан Динев (2.202) и ФМ Александар Кралевски (2.055). Првиот освои шест поени (пет победи, два пораза и две ремија), доволно за 10-то место, додека вториот впиша пет поени (четири победи, три порази и две ремија), нови 34,2 рејтинг-поени, со што го освои 16-то место. Г.И.