Момент од партија помеѓу Селковски (лево) и победникот Спасеновски

Годинава ќе организираме уште три вакви турнири, кои ќе се бодуваат поединечно, а по вкупниот збир ќе биде познат и конечниот победник за годинава, вели Илија Стошевски, претседател на здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“

ВЕТЕРАНСКО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Саво Спасеновски (2.222 рејтинг-поени) е победник на првиот турнир во забрзан шах за ветерани (60 години и повозрасни), кој во девет кола (време за размислување 20 минути плус 15 секунди по секој потег по играч), во организација на здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, а во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, се одржа викендов во Скопје.
Во конкуренција на 22 учесници (тројца ФИДЕ-мајстори) и по два натпреварувачки дена, Спасеновски освои девет поени (пет победи и четири ремија), колку што имаа и второпласираниот ФИДЕ-мајстор Александар Кралевски (2.135) и третопласираниот Илија Стошевски (2.048), но Спасеновски имаше најдобар дополнителен критериум и му припадна славеничкиот пехар, како и паричната награда од 2.000 денари.
– Турнирот беше одлично организиран, помина во најдобар ред, а во убава атмосфера присутните гледачи видоа мошне возбудливи партии, па победникот не беше познат до самиот крај. Годинава ќе организираме уште три вакви турнири за шаховски ветерани, во мај, септември и во ноември, кои ќе се бодуваат поединечно, а по вкупниот збир ќе биде познат и конечниот победник за годинава. Благодарност до Сојузот на слепи и слабовидни лица за отстапените простории и за учество на нивни претставници на овој турнир – ни изјави Стошевски, претседател на здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“. Г.И.