Фото: „Нова Македонија“

ПРВ ТУРНИР ОД ТУРНЕЈАТА ВО ФИШЕРОВ ШАХ

Германецот Винсент Кејмер (2.731 рејтинг-поен) ги освои првото место, парична награда од 200.000 долари и 25 поени, на првиот од петте турнири од турнејата во т.н. Фишеров шах (варијанта на шах во која почетните места на фигурите се измешани), во Вајсенхаус (Германија), вреден 750.000 долари. Тој во финалето со класично темпо на игра славеше со 1,5-0,5 против Американецот Фабијано Каруана (2.803), добивајќи ја првата партија, а ремизирајќи со црни фигури во втората, откако во отворањето ја неутрализира противничката жртва на пион. Каруана за второто место доби 140.000 долари и освои 18 поени.
Петкратниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.833), ја доби и втората партија против Узбекистанецот Јавохир Синдаров (2.700), иако и нерешено му беше доволно за да биде трет (100.000 долари и 15 поени). Американецот Хикару Накамура (2.802) исто така двапати победи, на дуелот со Нодирбек Абдусаторов (2.766) од Узбекистан, и е петти, додека Алиреза Фирузја (2.760) од Франција ја надомести пропуштената шанса во првата партија и со вкупно 1,5-0,5 го победи актуелниот светски шампион во класичен шах, Индиецот Домарају Гукеш (2.777), добивајќи ја втората, и го освои седмото место. Левон Аронијан (2.745) од САД го доби дуелот за деветтото место со Владимир Федосеев (2.724) од Словенија со 2-0.
Турнирот во Вајсенхаус е првиот од серијата турнири чија цел е промовирање на Фишеровиот шах, а другите од оваа турнеја се во Париз (април), Њујорк (јули), Њу Делхи (септември) и во Кејптаун (декември). На првиот учествуваа 10 шахисти, кои прво играа меѓу себе, еднаш со забрзано темпо (10 минути плус 10 секунди за секој потег), по што првите осум продолжија по нокаут-систем, кој се состоеше од две партии со класично темпо (90 минути плус 30 секунди по секој потег). Во случај на нерешен резултат се играа уште две партии (10 минути плус 10 секунди), а ако беше потребно, и со побрзо темпо. Г.И.