Се играше во шест возрасни категории, а медали освоија и Цареви кули (сребро до осум години), Гостивар (бронза до 12 години), Куманово (сребро до 16 години), Шах шех (бронза до 16 г.), Ласкер (бронза до 18 год.)

ШАХ – ЕКИПНО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИ

По одиграни вкупно 512 партии, со учество на 240 деца од 13 шаховски клуба, заврши Екипното првенство на Македонија за млади во возрасните категории до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години, кое се одржа во Скопје. Во возрасната категорија до осум, десет и до 14 години, триумфира Гамбит Асеко СЕЕ, во категориите до 12 и 16 најуспешен беше Алкалоид, а во највозрасната категоријата до 18 години, славеше МШК Центар од Скопје.
Со сребрен медал се закити Цареви кули од Струмица (до осум години), Гостивар (до 12 години) освои бронза, Куманово (до 16 години) се закити со сребро, битолскиот клуб Шах шех со бронза (до 16 г.), додека Ласкер од Охрид (до 18 год.) освои бронза. Се играше на по четири табли со по три резерви со темпо на размислување од 60 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот, по играч.
– Се надеваме дека ова беше пријатно искуство за сите учесници и дека сите ќе продолжат со понатамошна работа, а ќе ги гледаме и на натпреварите што следуваат. Исто така, радува фактот што има сѐ повеќе клубови и од другите градови, а не само од Скопје, кои успеаја да се закитат со медал – велат од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ). Г.И.


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ

КАТ. ПРВО, ВТОРО, ТРЕТО МЕСТО
до 8 г. Гамбит Асеко СЕЕ, Цареви Кули, Алкалоид
до 10 г. Гамбит Асеко СЕЕ, Алкалоид, Центар
до 12 г. Алкалоид, Гамбит Асеко СЕЕ, Гостивар
до 14 г. Гамбит Асеко СЕЕ, Алкалоид, Центар
до 16 г. Алкалоид, Куманово, Шах шех
до 18 г. Центар, Алкалоид, Ласкер