Трајковски (лево) и Стојановиќ со селекторот Кузмановски по пласманот во финалето

Во борбата за златниот медал, Трајковски загуби од Италијанецот Фиоре, а Стојановиќ од Суфјани од Саудиска Арабија

КАРАТЕ – МЛАДИНСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ТУРЦИЈА

Македонските каратисти во дисциплината борби, Витомир Трајковски (категорија до 84 кг) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг), постигнаа огромен успех на Светското првенство (СП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во турскиот град Коња, кое заврши вчера. Тие освоија сребрени медали, Трајковски за златниот медал се сретна со Италијанецот Матео Фиоре, а Стефановиќ во финалето за ривал го имаше Санад Суфјани од Саудиска Арабија.
Трајковски до големото финале ги победи Индиецот Парањал Гири (8-0), Словенецот Тимотеј Јордан (3-0), Катарецот Абдула Бабикар (2-1), Азербејџанецот Хусеин Хусеинзаде (1-0) и во полуфиналето Мароканецот Ахраф Хабила (2-0). Стојановиќ до борбата за најсјајниот медал беше поуспешен од Сергио Карвоунис од Грција (2-0), Мирлинд Реџепи од Косово (1-0), Едуард Саглијан од САД (2-1), Анес Бостанџиќ од БиХ (2-1) и во полуфиналето од Осман Османли од Азербејџан (2-0).
– Задоволен сум од настапот на целата репрезентација во категоријата постари јуниори (до 21 година). Ова е најголем успех досега на македонското карате во оваа конкуренција на светските првенства. Обезбедени беа две финалиња во мошне силна конкуренција на СП во Коња. Откога се воведени овие дисциплини, досега за Македонија медали од СП освоиле Иво Цветковски во Атина во 2005 година како јуниор, Берат Јакупи во Гвадалахара во 2013 година какао постар јуниор и Бојан Костов во Сантијаго во 2019 година во конкуренција на кадети, сите тројца бронза. Сребро и злато до ова СП, Македонија немаше освоено. Им го честитам големиот успех на македонските медалисти на СП во Коња – ни изјави селекторот на македонската јуниорска и репрезентацијата за постари јуниори, Александар Кузмановски.
Вкупно 34 македонски каратисти настапија на ова Светско првенство во Коња, во борби и во кати, на кое, пак, учествуваа 1.859 натпреварувачи од 105 држави. Г.И.