- На отворениот турнир настапија 74 учесници од 16 држави, а на женскиот 39 шахистки од 13 земји
СП ВО ЗАБРЗАН ШАХ ЗА ЈУНИОРИ
Интернационалниот мајстор (ИМ) од Узбекистан, Мухамадзокид Сујаров (2.372, рангиран петти пред почетокот на турнирот), и женскиот велемајстор (ЖВМ) од Казахстан, Ксенија Балабаева (2.287, рангирана трета), се новите светски јуниорски шампиони во забрзан шах на Светското првенство во Лима (Перу), на кое имаше извонредни партии, кои ја истакнаа силата на новата генерација играчи. Се играа вкупно по девет кола.
На отворениот турнир настапија 74 учесници (два ВМ, шест ИМ, осум ФМ) од 16 држави. Тој во 9. коло го победи Колумбиецот Хуан Хозе Кано Алкараз (2.298, рангиран 10-ти), освојувајќи ја титулата со одлични 7,5 поени. ВМ Мухидин Мадаминов (2.458, рангиран трет) од Узбекистан го освои среброто, а ВМ Денис Лазавик (2.579) од Белорусија бронзата по одиграните тајбрејкови, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Женскиот турнир, на кој настапија 39 шахистки (два ЖВМ, еден ИМ, пет ЖИМ, еден ФМ и шест ФМ) од 13 држави, беше еднакво силен и возбудлив. И покрај поразот во второто коло од ЖФМ од Русија, Варвара Пољакова (2.065, рангирана 12-та), Балабаева постигна пет победи во низа и го презеде водството. Таа во 9. коло ремизира со узбекистанскиот ЖИМ Афруза Хамдамова (2.384, рангирана втора), резултат што беше доволен за да ја обезбеди титулата, оти најблиските конкурентки, Пољакова и ЖФМ Ана Журова (2.189, рангирана шеста), ремизираа по долга борба, пишува ФИДЕ. Во тајбрејкот Хамдамова го освои среброто, а Пољакова бронзата. Македонија во двете конкуренции немаше свој претставник. Г.И.