Поединечно најуспешни резултати постигнаа репрезентативците, ФМ Емил Ристески (Гамбит Асеко СЕЕ) со освоени шест поени од седум партии и Ивана Манова (Центар) со шест поени од шест партии
ШАХ – ЕКИПНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА
Алкалоид во машка и Центар во женска конкуренција се екипни прваци на Македонија за 2022 година во шах. Тоа е епилогот по одиграните седум кола на Првенството на Македонија во Струга, а на кое настапија осум машки и седум женски клуба.
Шахистите на Алкалоид продолжуваат со доминацијата, од 30 национални шампионати, европскиот првак од 2016 година, 24 пати бил шампион, пет пати втор и еднаш трет, а годинашната титула му е 10-та во низа. Боите на Алкалоид, кој беше прворангиран пред почетокот на турнирот, ги бранеа: ВМ од Кина, Јангуи Ју (2.718 рејтинг-поени, рангиран прв), ВМ од Ерменија Шант Саргсјан (2.661), ВМ од Србија, Александар Инѓиќ (2.630), ВМ Трајко Недев (2.475), ВМ Звонко Станојоски (2.413), ИМ Филип Панчевски (2.465), ИМ Тони Лазов (2.350), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.397) и Филип Михов (2.260), а се играше на шест табли.
Шахистките на Центар од Скопје (рангирани втори), во последното седмо коло, во директен дуел за врвот, го совладаа Алкалоид со 2,5-1,5 и по делбата на првото место со Алкалоид и Гамбит Асеко во 2020 и освоеното второ место во 2021-та, годинава стигнаа до титулата без пораз, како и шахистите на Алкалоид. За Центар настапија ЖВМ од Бугарија, Викторија Радева (2.263), ФМ од Бугарија, Белослава Крастева (2.287), Ивана Манова (1.876), Драгана Николовска (1.856) и Делфина Огњановска (1.076), а се играше на четири табли. Шампионот Центар всушност е производ на долгогодишната успешна стратегија на Асеко во развојот на младинскиот женски шах.
Најуспешен шахист е ФМ Емил Ристески (Гамбит Асеко СЕЕ), со шест поени од седум партии, а најуспешна шахистка е Ивана Манова (Центар), со шест поени од исто толку партии, и двајцата репрезентативци на Македонија.
Седмо коло (мажи): Фишер – Гамбит 1-5, Гостивар – Прилеп 3-3, Стево Патако – Алкалоид 1-5, Анпасан – Куманово 3-3. Табела: Алкалоид 14 бода (24,5 по табли), Прилеп 11 (25,5), Гамбит Асеко СЕЕ 10 (29,5), Куманово 6 (20,5), Гостивар 6 (20), Анпасан 5 (16), Фишер 2 (16), Стево Патако 2 (12).
Седмо коло (жени): Неготино – Стево Патако 3-1, Алкалоид – Центар 1,5-2,5, Карпош – Куманово 0-4, Слободен беше Гамбит Асеко СЕЕ. Табела: Центар 12 (20), Алкалоид 9 (18,5), Куманово 8 (14), Гамбит 7 (14,5), Неготино 4 (10), Стево Патако 2 (6), Карпош 0 (1). Г.И.