ШАХ – ПОЧНУВААТ ЕКИПНИТЕ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Од денеска до 1 септември во Охрид ќе траат шаховските возбудувања во машка и во женска конкуренција на првенствата на Македонија, на кои ќе настапат по осум екипи, во седум кола. Кај шахистите (просечен рејтинг 2.090 поени) ќе се игра на шест табли (со исто толку резерви), а кај шахистките на четири (со две резерви). Титулите од лани ги бранат Алкалоид во машка и Центар во женска конкуренција. Шахистите на Алкалоид, кои во 2016 година беа и европски прваци, од 1991 година до сега 24 пати биле државни екипни шампиони, а во претходните 10 години во низа освоиле исто толку титули.

Во машка конкуренција на 31. шампионат на Македонија ќе настапат Алкалоид (2.520 просечен рејтинг), Гамбит Асеко СЕЕ (2.425), Прилеп (2.420), Куманово 1 (2.295), Гостивар (2.300), Пелагон (2.294), Анпасан (2.192) и Шкупи (2.269) со пријавени 87 шахисти (19 ВМ, 12 ИМ, девет ФМ, еден ЖФМ), како и една шахистка, ЖФМ Билјана Веруш (ШК Прилеп). По седум ВМ има од Македонија и од Србија, двајца од Бугарија, по еден од Узбекистан, Црна Гора и од БиХ. Најмногу има во Алкалоид (седум), предводени од Узбекистанецот Нодирбек Јакубоев (2.630, рангиран прв), а потоа во Гамбит Асеко СЕЕ (четворица). Само Куманово и Анпасан немаат ВМ во своите состави.

Кај дамите (1.683 просечен рејтинг) за титулата ќе играат Алкалоид (2.250), Центар (2.046), Куманово 1 (1.936), Гамбит Асеко СЕЕ (1.871), Неготино (1.825), Гостивар (1.639), Фишер (1.625) и Стево Патако (1.394). Ќе настапат и странски шахистки, пет од Бугарија, четири од Србија, две од Грузија и по една од Турција и од Црна Гора. Прворангирани се Грузијките, ВМ Бела Котенашвили (2.475) и ИМ Лела Јавахишвили (2.441) од Алкалоид. Само Стево Патако е без странско засилување.

Лани кај шахистите победи Алкалоид со максимални 14 бода (28,5 по табли), пред Прилеп 11 (25,5), Гамбит Асеко СЕЕ 10 (29,5)… Настапија вкупно 16 ВМ. Кај шахистките победи второрангираниот Центар со максимални 12 бода (20), пред Алкалоид со девет (18,5), Куманово со осум (14)… Г.И.