НАГРАДИ НА МОК „ЗЛАТНА ОЛИМПИЈА“ ЗА 2025 ГОДИНА
- Македонскиот олимписки комитет петти пат им ги додели наградите „Златна Олимпија“ за 2025 година на најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички, како и на оние што придонесуваат за развој на спортот и за промоција на родовата еднаквост
На свечена церемонија во Скопје, Македонскиот олимписки комитет (МОК) петти пат им ги додели наградите „Златна Олимпија“ за 2025 година на најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички, како и на оние што придонесуваат за развој на спортот и за промоција на родовата еднаквост.
За најуспешна спортистка во 2025 година е прогласена таеквондистката Милијана Рељиќ, која освои сребрен медал на Г1-турнирот во Кристијанстад (Шведска), а на турнирот во Инсбрук (Австрија) освои бронза. Во категоријата за најдобар женски национален тим, наградата ја доби фудбалската репрезентација до 17 години, признанието за најуспешна тренерка ѝ припадна на Катерина Милеска, селекторка на таа репрезентација, најуспешна спортска работничка е Гордана Николовска-Кузмановска, за најнадежна млада спортистка е прогласена одбојкарката Мери Бошковска, најуспешна судијка е Ема Никочевиќ, прва ФИБА-судијка од Македонија, признанието за спортски подвиг го понесе Катерина Шиповиќ, наградата за животно дело ја доби поранешната легендарна кошаркарка Стојна Вангеловска, прва Македонка што освоила олимписки медал.
Признанието за најуспешна спортска медиумска работничка го доби фоторепортерката на дневниот весник „Нова Македонија“, Маја Јаневска-Илиева. За најуспешна спортистка со попреченост е избрана Фатмире Бајрамоска, која освои сребро во крос-кантри скијање на Зимските специјални олимписки игри во Торино (Италија). Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја доби наградата за унапредување на родовата еднаквост, а посебни признанија за женско лидерство и унапредување на родовата еднаквост добија Цветанка Макаровски и Ирена Митровска. Г.И.

































