Подготвени сме за турнирот, очекувам борби достојни за домашната публика и барем три финалиња, вели македонскиот селектор Борче Костовски. Годинава конкуренцијата е многу силна, но Милијана е во одлична форма и очекувам во недела да го повтори успехот од минатите две години, вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов

ТАЕКВОНДО – ПРЕТСТОЈНИОВ ВИКЕНД

Најдобрите таеквондисти во светот денеска и утре ќе бидат дел од традиционалниот Г1-турнир „Скопје опен 2025“, кој ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“. Кадетите и јуниорите настапуваат денеска, а сениорите утре и двата дена со почеток во девет часот. Турнирот е од категоријата Г1 и е дел од официјалниот календар на Светската таекводно-асоцијација, кој носи бодови за остварување олимписка норма.
– Годинава „Скопје опен“ прераснува во најголемиот спортски настан во Македонија. Очекуваме над 1.000 натпреварувачи од над 50 држави од целиот свет. Ќе пристигнат неколку национални тимови на олимписки велесили, а Скопје ќе биде центарот на олимпискиот спорт таеквондо, информираат од Македонската таеквондо-федерација (МТФ).
Македонија ќе има свои претставници и во машка и во женска конкуренција со амбиции за највисок пласман.
– Подготвени сме за турнирот, очекувам борби достојни за домашната публика и барем три финалиња. Во сениорска конкуренција ќе настапат Филип Блажевски и олимпиецот Дарко Горгиевски, кој минатата година го освои сребрениот медал на овој турнир. Кај јуниорите ќе се борат Андреј Василевски и Теодор Стојановски, додека кај кадетите Ведрана Тунески и Јован Спасовски. Конкуренцијата е многу силна. Кај македонскиот олимпиец Георгиевски ќе се натпреварува и еден од најјаките таеквондисти во светот во моментов, Хрватот Иван Шапина, кој е и еден од главните конкуренти за медал на ЛОИ во Лос Анџелес – вели македонскиот селектор и еден од тренерите на Георгиевски во клубот Бутел, Борче Костовски.
Македонски адут во женска конкуренција, секако, е македонската олимпијка од ЛОИ Париз 2024 година Милијана Релиќ, членка на ТК Тигри од Скопје. Таа во 2023 и 2024 година го освои првото место на овој турнир.
– Активно се подготвувавме за претстојниот турнир. Милијана ќе се бори утре во тежинската категорија до 62 кг. Во нејзината категорија има 17 натпреварувачки, но во многу силна конкуренција, меѓу кои се олимпијката Фани Цели од Грција, освојувачката на бронза од последното Европско првенство, Ивана Арелиќ од Хрватска, како и нејзините сонароднички Дора Мештровиќ и Лена Динковиќ, кои имаат освоено многу медали на последните Г1-турнири. Очекувам тешки борби и, секако, се надеваме на успех. На последните два турнира во Скопје, Милијана освои златен медал со по три, односно четири победи. Годинава конкуренцијата е многу силна, но Милијана е во одлична форма и очекувам во недела да го повтори успехот од минатите две години – оптимист е нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
„Скопје опен 2025“ е во организација на МТА, ТК Бутел и ТК Рамус од Софија. Генерален покровител на овој спортски спектакл е Министерството за спорт. Г.И.