Уште во почетокот на годината знаевме дека сме конкурентни за освојување медал на големите натпревари, меѓутоа да се освојат европска и светска титула во една година не е само успех туку и спортски подвиг, а Наковска-Бикова освои медали во сите четири спортски дисциплини. Посакувам во 2023 година да ни се повтори 2022-та, што би било идеално. Не е лесно да се програмира тренажен процес на европски, светски и на параолимписки шампиони и освојувачи на медали, да најдете начин за нова мотивација за максимален ангажман на спортистите за да одработат уште една напорна и комплицирана тренажна година. Свесен сум за квалитетот на моите спортисти, им верувам, од нив ја црпам енергијата за планирање на следните натпревари, се обидувам максимално да ги мотивирам, да ги опуштам и да ги подготвам. И тоа обично ми успева и, пред сѐ, се должи на заемна доверба и почит на едни кон други, вели Јовановски

БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ, ТРЕНЕР И СЕЛЕКТОР НА ПАРАОЛИМПИСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО СТРЕЛАШТВО

Македонските параолимпијци во стрелаштво со години постигнуваат извонредни резултати, подобруваат рекорди, носат мноштво медали од големите натпреварувања, како што се Параолимписките игри (ПОИ), светските и европските првенства (СП и ЕП), светските купови (СК) и од многубројни турнири. По успешната 2022 година разговаравме со тренерот и селектор на параолимписката репрезентација на Македонија и прв носител на златен медал од ПОИ 1992 во Барселона, во дисциплината воздушен пиштол, Бранимир Јовановски. Тој е член на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 2002 година, во 2012-та е избран за најдобар тренер на Македонија, а годинава ја доби државната награда „8 Септември“ за извонредни резултати во неговата 20-годишна спортска кариера.
Како ја оценувате 2022 година на спортски план и кои се вашите очекувања како тренер и селектор во 2023-та?
– Од тренерска перспектива, 2022 година за мене како спортски тренер беше исклучително успешна, особено низ перспектива на настапите на Оливера Наковска-Бикова. Уште во почетокот на годината знаевме дека сме конкурентни за освојување медал на големите натпревари, дека сигурно ќе влеземе во некое финале и ќе се вмешаме во борбите за медали. Меѓутоа, да се освојат европска и светска титула во една календарска година не е само успех туку и спортски подвиг. Покрај двата златни медала освоени на ЕП во Хамар, Норвешка, со воздушен пиштол од 10 метри, и на СП во Ал Аин, ОАЕ, со малокалибарски пиштол слободен избор од 50 м, Наковска-Бикова годинава освои и бронза на ЕП во Хамар со воздушен пиштол-микс од 10 м, кога настапи со Ванчо Каранфилов, како и сребро на квалификацискиот СК во Шатеро, Франција, во дисциплината спорт-пиштол од 25 м. Тоа значи дека таа освои медали во сите четири спортски дисциплини во една календарска година, што е своевиден спортски подвиг. Каранфилов најави крај на својата меѓународна спортска кариера, со бронзениот медал во настапот со Наковска-Бикова на ЕП во Хамар, а Александар Јовановски интензивно се подготвува конечно на официјални натпревари да ги постигнува добрите резултати од тренинзите. Посакувам во 2023 година да ни се повтори 2022-та, што би било идеално.

Кои се спецификите на тренерската и на селекторската функција?
– Лично многу ми е подрага тренерската улога, оти тука моето знаење и квалитет на учител, педагог и на стратег излегуваат на површина. Голема чест ми е што сум тренер на најдобрите македонски параолимпијци. Селекторската улога во параолимпискиот стрелачки тим кај нас и не е толку сложена, бидејќи немаме голем број конкурентни спортисти, но тренерската улога е вистински предизвик. Не е лесно да се програмира тренажен процес на европски, светски, и на параолимписки шампиони и освојувачи на медали, да најдете начин за нова мотивација за максимален ангажман на спортистите за да одработат уште една напорна и комплицирана тренажна година, да ги усогласите термините за заеднички подготовки, патувања, настапи и слично. Потребни се многу знаење, труд и вештина да се искоординира сето тоа. Набавката на стрелачкото оружје и муниција е посебна приказна, сакам да им се заблагодарам на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана.
Кога нема да се исполни планот на некој турнир, како најбрзо се обидувате да го надминете тоа?
– Свесен сум дека потфрлањата на спортски план се нормална појава и тука нема некоја голема филозофија. Тоа сум го почувствувал и како стрелец во мојата натпреварувачка кариера, но и како тренер. Првичниот момент најчесто е проследен со делумно разочарување и нервоза, меѓутоа тоа обично е кратко и секавично чувство. Најчесто веднаш почнувам со разговори и со анализа со моите спортисти, за да ја лоцираме причината и тоа што можам јас како тренер, но и тие спортисти, во идните настапи да го сториме за да не ни се повтори истото тоа. Свесен сум за квалитетот на моите спортисти, им верувам, од нив ја црпам енергијата за планирање на следните натпревари, се обидувам максимално да ги мотивирам, да ги опуштам и да ги подготвам. И тоа обично ми успева и, пред сѐ, се должи на заемна доверба и почит на едни кон други.

Како го минувате слободното време меѓу турнири, патувања…?
– Слободно време имам многу малку. Професионално работам и сум стручно лице во две општински здруженија за лица со инвалидност во Куманово, а позицијата претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, како и таа на претседател на Параолимпискиот комитет на Македонија, и напорите со колегите од управните органи максимално можно да се подобрат положбата и правата на лицата со инвалидност во Македонија ми одземаат многу енергија, време и внимание, но, сепак, остануваат денови што можам да им ги посветам на сопругата Јадранка и на моето семејство. Остануваат во траен спомен одморите со сопругата, посетите на мојата ќерка Александра, нејзиниот сопруг Ненад и внуците Миа и Лео, кои живеат во Хамбург, заедничките моменти со синот Далибор, снаата Сандра и внукот Доријан, со кои го минуваме секојдневието, потоа моментите поминати со роднините, другарите и со пријателите со нивните семејства. Многу време поминувам во следење новини од стручната литература, кои многу ми помагаат во планирањето на тренажниот процес на спортистите што ги тренирам, како и читање разни занимливости и секојдневни новости. Останува малку време да се погледне некој филм, а трилерите и авантуристичките филмови секогаш се мој прв избор.


Посакувам сите спортисти да го веат знамето на Македонија низ сите меридијани и да придонесат кон афирмација на државата

Впрочем, 2023 година ќе ја пречекам во домашна атмосфера со семејството и со пријателите. На сите нив им посакувам многу здравје, среќа и благодат во неа. Секако дека најголемо задоволство во празничните денови ќе ми претставува дружењето со моите внуци Миа, Доријан и Лео, со нивните родители и мојата сопруга. На сите спортисти, на моите колеги тренери, на спортските работници и на спортските новинари им посакувам успешна и плодна година исполнета со многу освоени медали. Да им се остварат сите пласмани планирани во нивната спортска програма, да имаат многу здравје, повредите и несаканите моменти да ги заобиколат и да не бидат дел од нивните спортски кариери. Посакувам да го веат знамето на Македонија низ сите меридијани во светот и со своите успешни настапи да придонесат кон афирмација на државата во меѓународни рамки, вели Бранимир Јовановски.

[email protected]