По седум кола, тој освои 5,5 поени, славенички пехар, награда од 12.000 денари, како и нови 30 рејтинг-поени
ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ
Искусниот шаховски ветеран Илија Стошевски (2.015 рејтинг-поени, рангиран петти пред стартот) триумфира на третиот турнир на шаховскиот фестивал „Незаборав за хероите“, во чест на јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември. Во седмото коло тој ремизира со Тодор Андонов, што беше доволно со 5,5 поени (четири победи и три ремија) да ги освои првото место, славеничкиот пехар и наградата од 12.000 денари, како и нови 30 рејтинг-поени, со играчки перформанс од 2.181 поен. Второто место го освои Андонов со пет поени, а трет според дополнителниот критериум беше ФМ Александар Кралевски со 4,5 поени. На турнирот играа шахисти што не се помлади од 60 години, а темпото за размислување во партиите беше еден час, плус 30 секунди по секој потег.
– Задоволство беше да се учествува на овој шаховски фестивал, кој претставуваше мошне сериозен зафат, а по повод големиот историски настан од македонската историја, што особено ме инспирираше. Партиите ги играв креативно, борбено и бескомпромисно, но и со жртви. Бев теоретски подготвен за овој турнир, на кој учествуваа мошне квалитетни играчи, кои, пак, понудија квалитетни партии. Во план ни е да подготвиме и билтен за овој шаховски фестивал – изјави Стошевски.
Ветеранскиот шаховски фестивал се состоеше од три турнира, кои се играа во просториите на ШК Алкалоид. На првиот турнир со 24 играчи, со брзо темпо (пет минути, плус три секунди), победи ФМ Јани Богоевски, а на турнирот со забрзано темпо (15 минути, плус 10 секунди) славеше Миле Трајковски меѓу 20 учесници. Вкупно се одиграа 264 партии, од кои само 36 завршија со реми.
Резултати 7. коло: Андонов (2.119) – Стошевски (2015) реми, ФМ Богоевски (2.160) – ФМ Илиќ (2.073) реми, Цветковски (1.737) – ФМ Кралевски (2.015) 0-1, ФМ Хаџи-Манев (1.951) – Трајковски (1.917) 1-0, Јовановски (1.854) – Ташевски (1.960) 1-0, Голубовиќ (1.705) – Ахчиев (1.690) 1-0, Спасовски (1.836) – Томов 1-0, Кромов (1.693) – Топалов (1.668) реми. Табела: Стошевски 5,5, Андонов пет, ФМ Илиќ, ФМ Кралевски, ФМ Богоевски и ФМ Хаџи-Манев по 4,5, Јовановски 4, Трајковски, Цветковски и Голубовиќ по 3,5, Ташевски, Ахчиев и Спасовски по 3, Кромов, Томов и Топалов по 1,5 поен. Г.И.