Димитар Илиевски

Мисијата што се состоеше од 100 одиграни партии во чест на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот и светски истакнат писател, поет, прозаист, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист, преведувач, академикот Блаже Конески, траеше една година

ШАХ – ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ МАЈСТОР ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ УСПЕШНО ЈА ЗАВРШИ ЗАМИСЛЕНАТА МИСИЈА

Оваа моја замислена мисија, која траеше една година, успешно е завршена. Играв против познати и непознати шахисти, одиграв повеќе интересни симултанки, како на пример во Демир Хисар, Долнени, на турнирот „Блаже Конески“ во Скопје, со новинарите на „Нова Македонија“ и други. Притоа, на сите со кои играв им подарив цветна шаховска табла од хартија, а креирана и направена од мојот пријател и хуманист, реномираниот сликар Живко Поповски-Цветин, со задоволство вели истакнатиот македонски интернационален мајстор (ИМ) Димитар Илиевски.
Шахистот, кој годинава слави 50 години шаховско мајсторство и кој жртвуваше многу од животот за црно-белите полиња, неодамна беше почестен и со пригоден говор во чест на книжевниот великан Конески.
– На одлично организираните А и Б аматерски шаховски турнири, кои неодамна се одржаа во Скопје, ми беше укажана можност да одржам пригоден говор во чест на 100-годишнината од раѓањето на Конески, кој покрај тоа што ги удри темелите на македонистиката, беше и голем љубител на шаховската игра. Конески е првиот претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија (ШСМ), кој на таа функција дојде на 19 август 1948 година. Излагањето за него, но и за моето 50-годишно шаховско творештво, наиде на големо воодушевување и долготраен аплауз кај присутните шахисти на турнирите. Единствено ми е жал што пропадна планираната идеја да одиграм симултанка и во селото Небрегово, родното место на Конески – вели Илиевски.
Од сите јубилеи на Илиевски, кој беше вистински шаховски „матадор“ на црно-белите полиња, успехот во 1971 година на петтиот турнир „Средба на солидарноста“ во Скопје, засекогаш остави неизбришлива трага во неговото шаховско творештво, од кое многу идни генерации треба да учат.
– Пред почетокот на тој турнир бев со најслаба титула, кандидат-мајстор и со најслаб рејтинг меѓу учесниците, но направив сензација, бев петти, ја освоив титулата југословенски шаховски мајстор, титулата ФИДЕ-мајстор, ја надминав нормата за титулата ИМ и освоив прв бал и минимална рејтинг-норма за велемајстор (ВМ), како прв македонски шахист што ја исполни таа рејтинг-норма.

Патем, освоив 180 рејтинг-поени, бев 120-ти на светската листа и избив на првото место на македонската рејтинг-листа со 2.460 поени. Тоа никогаш не се заборава – се присетува на таа незаборавна година Илиевски.
Илиевски годинава слави голем број шаховски и животни јубилеи, како што се, 65 години од првото учество на Сениорското првенство на Битола (1956), на кое беше втор, 60 години од втората шампионска титула сениорски првак на Битола (1961) заедно со брат му Борче, 50 години од освоената втора титула сениорски првак на Скопје (1971), 60 години како еден од најсилните шахисти во Македонија. На петтиот турнир „Средба на солидарноста“ во Скопје (1971), беше прогласен од ШСМ за најдобар шахист. Изминаа 40 години од неговата рекордна симултанка против 58 шахисти (13 мај 1981 во Скопје). Илиевски е македонски рекордер и по бројот на одиграни симултанки (околу 300), од кои еден дел во странство (Полска, Бугарија, Италија, СР Германија, Хрватска, Србија и други). Неговата покојна сопруга Велика Илиевска беше една од посилните шахистки во Македонија. На 24 август 2021, Илиевски го прослави својот 80-ти роденден, во кругот на неговите пријатели.