Со овој успех, Рељиќ освои и нови 7,20 поени за олимписката бодовна листа за квалификации за ЛОИ во Лос Анџелес во 2028 година
ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР ВО ШВЕДСКА
Најдобрата македонска таеквондистка, олимпијката Милијана Рељиќ, членка на ТК Тигри од Скопје, постигна голем успех, освојувајќи сребрен медал на престижниот Г1-турнир, кој се одржа викендов во Кристијанстад (Шведска), но и нови 7,20 поени за олимписката бодовна листа за квалификации за ЛОИ во Лос Анџелес во 2028 година.
– Во првото коло Рељиќ (до 62 кг) беше поуспешна со 2-0 во рунди од домашната натпреварувачка Нора Хогфелт, во второто коло ја победи и одличната шведска репрезентативка Тиндра Андерсон со 2-0 во рунди. Во полуфиналето Милијана издвојува блескава победа над Чиа Веи Ванг од Тајпеј со 2-1 во рунди. Во финалето беше поразена од претставничката на Хрватска, Дора Мештровиќ, но и оваа борба можевме да ја добиеме да не беа судиските грешки, кои и ни ја одзедоа победата. Рељиќ веќе ја имаше поразено Мештровиќ на Европското првенство (ЕП) до 21 година, кое се одржа во Романија 2023 година. Во нејзината категорија имаше 18 натпреварувачки – вели тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов.
Од клубот Тигри настапи и Горјан Бадаровски (над 87 кг), кој се закити со бронзен медал и освои 3,60 олимписки поени меѓу 15 таеквондисти. Горјан со победата од 2-0 во рунди над Расму Бремдинг од Шведска обезбеди бронза, а во полуфиналето загуби од Густав Карлсон, исто така Швеѓанец.
На турнирот настапија и двајца млади таеквондисти од ТК Младост од Скопје, Христијан Симоновски и Давид Божиновски, предводени од тренерот Стефан Миленковски, на кои ова им беше деби-настап на сениорски турнири од ваков ранг. Имаа одлични борби, но не успеаја да го минат прво коло. На турнирот во Шведска настапија повеќе од 500 натпреварувачи од над 50 држави. Г.И.