КОШАРКА – НБА
Јокиќ е деветти играч со барем три награди за МВП
Центарот на Денвер, Никола Јокиќ, им се придружи на некои од најдобрите кошаркари во НБА-лигата на сите времиња откако третпат ја освои наградата за најкорисен играч (МВП) во НБА-лигата. Тој претходно беше прогласен за МВП во 2021 и во 2022 година и беше втор минатата година.
Јокиќ е само деветтиот кошаркар што ја освоил наградата барем трипати и со тоа тој им се придружи на Карим Абдул-Џабар (шест пати МВП на НБА), Мајкл Џордан, Бил Расел (двајцата по пет пати), Вилт Чембрлен, Леброн Џејмс (двајцата по четири пати), Лери Бирд, Меџик Џонсон и Мозес Мелоун (тројцата по трипати), пишува НБА-лигата на својата интернет-страница.
Втор во гласањето за годинашната награда за најкорисен кошаркар беше бекот на Оклахома, Шаи Гилџес-Александер, а трет е бекот на Далас, Лука Дончиќ. Н.М.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА
Изненадување во петтата етапа
Французинот Бенџамин Томас оствари изненадувачка победа на петтата етапа на велосипедската грантур-трка Џиро д’Италија, а Тадеј Погачар го задржа своето водство во генералниот пласман, пишува „Би-би-си“. Етапата беше долга 178 километри.
Двократниот шампион на Тур де Франс, Словенецот Погачар, останува со 46 секунди предност пред Британецот Герент Томас во генералниот пласман на годинашната трка Џиро д’Италија. Шестата етапа се возеше вчера, во должина од 180 километри. Вкупен пласман по пет етапи: Погачар, Томас (плус 46 секунди), Даниел Мартинез (плус 47 сек.), Сиан Уијтдеброкс (плус 55 сек.), Ајнер Рубио (плус 56 секунди)… Н.М.
ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Втора година по ред Фиорентина е во финалето
Со голот од пенал на Лукас Белтран за реми 1-1 на дуелот со белгискиот Клуб Бриж, италијанската Фиорентина се пласира во финалето на фудбалската Конференциска лига втора година по ред, со вкупен резултат 4-3. Фиорентина, која минатата година загуби од Вест хем во натпреварот за трофејот во тоа натпреварување, во финалето во Атина ќе игра со Олимпијакос или со Астон вила (синоќа го играа меѓусебниот реванш, а по првата средба во Англија водеше Олимпијакос со 4-2). Фиорентина шести пат се пласира во финале на некое европско клупско натпреварување, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Клубот од Фиренца освои еден трофеј, во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), во 1961 година. Претходен настап на Клуб Бриж во континентално финале, пак, беше во 1978 година, кога загуби од Ливерпул во натпреварот за европската титула. Досегашни победници на Конференциската лига, новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), се италијанската Рома, во 2022 година, и англискиот Вест хем, лани. Победникот ќе обезбеди учество во Лига Европа идната сезона. Н.М.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Санчо или Белингем ќе им се приклучи на Мекманаман и на Харгривс
Џејдон Санчо (Борусија Дортмунд) или Џуд Белингем (Реал Мадрид) ќе стане само третиот англиски фудбалер што ја освоил европската клупска фудбалска титула со странски клуб, пишуваат британски медиуми. Борусија Дортмунд и Реал Мадрид ќе се сретнат во финалето на годинашната Лига на шампионите, на стадионот „Вембли“, во Лондон.
Претходно европски шампиони од Англија со странски екипи станаа Стив Мекманаман со Реал Мадрид во 2000 година (победа над Валенсија со 3-0) и во 2002 година (триумф на дуелот со Баер со 2-1) и Овен Харгривс со Баерн во 2001 година (победа на пенали на мечот со Валенсија). Н.М.
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ ВО ЛШ
Кејн и Мбапе водат, тројца фудбалери од Реал Мадрид имаат по три гола помалку
Хари Кејн (Баерн) и Килијан Мбапе (Пари сен Жермен) останаа израмнети на врвот на листата на стрелците во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со по осум гола. Нивните клубови не се пласираа во финалето, а од финалистите, по пет гола постигнаа Родриго, Винисиус Жуниор и Хоселу од Реал Мадрид. Листа на стрелци: Хари Кејн (Баерн) и Килијан Мбапе (Пари сен Жермен) по осум, Антоан Гризман (Атлетико Мадрид) и Ерлинг Холанд (Манчестер сити) по шест, Хулијан Алварез, Фил Фоден (двајцата од Манчестер сити), Галено (Порто), Расмус Хојлунд (Манчестер јунајтед), Алваро Мората (Атлетико Мадрид), Родриго, Винисиус Жуниор и Хоселу (тројцата од Реал Мадрид) по пет, итн. Н.М.