Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА САД
Три рекорда на Меси во еден меч

Лионел Меси имаше рекорден натпревар за Интер Мајами, откако постигна еден гол и имаше пет асистенции во победата дома на дуелот со Њујорк со 6-2, во фудбалското првенство на САД. Аргентинскиот великан и осумкратен добитник на „златната топка“ за најдобар играч во светот, на натпреварот постави три рекорди на лигата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Трите рекорда се придонес за шест гола на еден меч, пет асистенции вкупно и пет асистенции за едно полувреме. Меси, кој ја доби наградата за играч на месецот во лигата за април, постигна барем еден гол и има барем една асистенција во шест последователни првенствени натпревари.
– Се чини дека тој секогаш пишува историја. Ако нешто недостигаше, тоа беше ова, да има придонес во шест гола – рече тренерот на Интер Мајами, Херардо Мартино, пренесе АП.
На дуелот викендов Луис Суарез постигна три гола, а Матиас Рохас два. Меси и Суарез сега водат на листата на стрелците со по 10 гола, а Интер Мајами со 24 бода е на врвот на Источната конференција. Победата ја зголеми низата без пораз на Мајами на шест натпревари. Н.М.


ОДБОЈКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Европските титули ги освоија италијански тимови

Италијанските екипи Имоко Конелјано во женска и Итас Трентино во машка конкуренција се европски прваци во одбојка за сезонава, во финалињата на Лигата на шампионите играни викендов во Анталија (Турција).
Имоко Конелјано ја освои својата втора европска титула (претходно победи во 2021 година) по победата на дуелот со Алијанц Веро волеј Милано од Италија со 3-2 во сетови (25-14, 23-25, 25-19, 19-25, 15-9), а Итас Трентино стигна до својот четврти трофеј (претходно во 2009, 2010 и 2011 година) откако славеше на натпреварот со полскиот Јастржебски Вегиел со 3-0 (25-20, 25-22, 25-21).
Одбојкарските суперѕвезди Изабел Хаак и Алесандро Микјелето беа прогласени за најкорисни играчи (МВП) на Суперфиналето во Анталија, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Н.М.