ФУДБАЛ – ИЗБОР НА ФИФА И НА ФИФПРО

Познати финалистите за состав на најдобрите тимови за 2023 година

Изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) на најдобрите тимови за 2023 година направи значаен чекор со објавувањето на финалистите во машка и во женска конкуренција.
Над 28.000 професионални фудбалери гласаа за својот тим на годината. Ова е единствената глобална фудбалска награда за која одлучуваат исклучиво професионални фудбалери, пишува ФИФА.
Номинирани се по 23 фудбалери и фудбалерки што добиле најмногу гласови од своите колеги. Во најдобрите состави ќе влезат по еден голман и по тројца одбранбени играчи, плејмејкери и напаѓачи што добиле најмногу гласови, а 11-от член на двата состава ќе бидат следните со најголем број гласови, пишува ФИФА.
Најдобрите 11 во машка и во женска конкуренција треба да бидат објавени за време на доделувањето на годишните награди „најдобар“ на Светската фудбалска федерација, во Лондон. Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Херл победи во Инсбрук, Кобајаши изби во водство во вкупниот пласман

Јан Херл од Австрија победи на третиот натпревар од новогодишната турнеја Четири скокалници во скијачки скокови, одржан во австрискиот Инсбрук, а Јапонецот Рјоју Кобајаши изби на првото место во вкупниот пласман на традиционалното натпреварување. Херл водеше и по првата серија.
Кобајаши го освои второто место во Инсбрук, а неговиот главен конкурент за престижниот пехар, Андреас Велингер од Германија, беше петти. Кобајаши, кој трофејот на Четирите скокалници досега го освои двапати (во 2019 и во 2022 година), сега води со 4,8 поени предност пред Велингер, трет е Херл со 22,3 поени помалку од водечкиот… Четвртиот натпревар, на кој ќе се решава вкупниот победник, на програмата е утре, во Бишофсхофен (Австрија). Претходно се одржаа натпреварите во германските Оберсдорф (победи Велингер) и Гармиш-Партенкирхен (победи Анже Ланишек од Словенија).
За вкупниот пласман се сметаат сите поени освоени на секој од четирите натпревари. Во ова натпреварување, кое се одржува од 1953 година, само пет скијачи скокачи го освоиле трофејот повеќе од двапати, и тоа Јане Ахонен од Финска пет пати, Јенс Вајфслог од Германија четири пати, а по трипати славеле Хелмут Рекнагел од Германија, Бјорн Виркола од Норвешка и Камил Стох од Полска. Осум други натпреварувачи победиле по двапати. Н.М.