Фото: ЕПА

ТЕНИС – ЈУНАЈТЕД-КУП

Полска – Кина и Србија – Австралија денеска во четврт-финалето

Полска – Кина и Србија – Австралија се првите четвртфинални двојки денеска, на тенискиот турнир Јунајтед-куп во Австралија, што се игра во Перт и во Сиднеј, по комплетирањето на некои од групите од групната фаза на натпреварувањето што се играа во Перт. Другите двојки во четврт-финалето на Јунајтед-купот треба да се комплетираат по денешните натпревари од групите што се играат во Сиднеј, а тие средби за пласман во полуфиналето на програмата се утре, исто така, во Сиднеј. Бранител на трофејот освоен на овој турнир во 2023 година е репрезентацијата на САД. Секој дуел се состои од по еден натпревар во поединечна конкуренција во машка и во женска конкуренција и еден дуел во мешани двојки, ако е нерешено по поединечните средби. Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Ланишек прв во Гармиш- Партенкирхен, Велингер води на Четирите скокалници

Анже Ланишек од Словенија победи на вториот новогодишниот натпревар на традиционалната турнеја Четири скокалници во скијачки скокови, во Гармиш-Партенкирхен (Германија) во понеделникот, пред Рјоју Кобајаши од Јапонија и Андреас Велингер од Германија.
Велингер продолжува да води во генералниот пласман на 72. турнеја, со 1,8 бод пред второпласираниот Кобајаши. Претходно скијачите скокачи се натпреваруваа во германскиот Оберсдорф, денеска на програмата е третиот натпревар на турнејата, во австрискиот Инсбрук, а годинашните Четири скокалници завршуваат в сабота, во Бишофсхофен (Австрија).
Ланишек сега е на шестото место во вкупниот пласман на Четирите скокалници. Водечкиот во Светскиот куп во скијачки скокови сезонава, Крафт (шести во Гармиш-Партенкирхен) е на третото место во вкупниот пласман на турнејата Четири скокалници, со 23,4 поени зад Велингер по два од четирите натпревари. Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Ника Превц победи на турнејата „Две ноќи“

Ева Пинкелниг од Австрија победи на натпреварот во скијачки скокови за жени во германскиот Оберсдорф во понеделникот, а Ника Превц од Словенија го освои првото место на турнејата „Две ноќи“, која се состоеше од натпревари во Гармиш-Партенкирхен и во Оберсдорф.
На првиот натпревар на турнејата, на 30 декември, Превц беше победничка, а на вториот го освои петтото место. Во вкупниот пласман Пинкелниг беше втора, а Абигејл Стрејт од Канада трета. Победата во пласманот за натпреварот „Две ноќи“ на Превц ѝ донесе парична награда од 10.000 евра, Пинкелниг освои 5.000, а Стрејт 3.000 евра, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Н.М.