Фото: УЕФА/Твитер

ФУДБАЛ – УЕФА

Девет земји заинтересирани за организација на финалињата на европските купови

Девет национални асоцијации се заинтересирани да бидат домаќини на финалињата на клупските купови во 2026 и во 2027 година, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Извршниот комитет на УЕФА ќе ги назначи домаќините на осум финалиња во мај 2024 година.
УЕФА потврди дека за финалињата на Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи се заинтересирани Унгарија (Будимпешта, „Пушкаш арена“) и Италија (Милано, „Сан Сиро“), а на ЛШ за жени Германија (Гелзенкирхен, Минхен или Штутгарт, само еден град ќе биде потврден при поднесувањето на понудата), Норвешка (Осло, „Улеваал“) и Шкотска (Глазгов, „Хемпден парк“).
За мечевите за трофејот во Лига Европа, интерес има од Германија (Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Лајпциг или Штутгарт, само еден град ќе биде потврден при поднесувањето на понудата), Романија (Букурешт, „Национална арена“), Шкотска (Глазгов, „Хемпден парк“) и Турција (Истанбул, стадионот на Бешикташ, Фенербахче или на Галатасарај, само еден стадион ќе биде потврден при поднесувањето на понудата), а интерес за финалињата во Конференциската лига има од Германија (Лајпциг, „Лајпциг“), Израел (Ерусалим, „Теди“), Норвешка (Осло, „Улеваал“), Шкотска (Глазгов, „Хемпден парк“), Швајцарија (Женева, „Стад де Женев“) и од Турција (Истанбул, стадионот на Бешикташ, Фенербахче или на Галатасарај, само еден стадион ќе биде потврден при поднесувањето на понудата), пишува УЕФА.


ФУДБАЛ

Севилја е првиот победник на „клупскиот предизвик“

Победникот на Лига Европа, Севилја од Шпанија, е првиот победник на мечот „клупски предизвик“, во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА) и на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), откако го победи Индепендиенте дел Вале од Еквадор. Дуелот се играше во Севилја.
По 90 минути игра, натпреварот заврши со реми, 1-1, а потоа Севилја победи на пенали со 4-1. Индепендиенте дел Вале водеше од 10. минута со голот на Лаутаро Дијаз, а Севилја израмни во првата минута од судиското дополнување на времето со погодокот на Педро Ортиз.
Ова беше петти меч од соработката помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ. Лани се одржаа Финалисима за мажи (Италија – Аргентина 0-3), Футсал финалисима (Шпанија – Португалија 1-1, 2-4 на пенали) и Интерконтиненталниот куп за фудбалери до 20 години (Пењарол – Бенфика 0-1), а годинава и Финалисима за жени (Англија – Бразил 1-1, 4-2 п.).


СП 2023 ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Мундијалот почна со изненадување

Репрезентацијата на Нов Зеланд го направи првото изненадување, и тоа веќе во првиот натпревар на Светското првенство за фудбалерки, што се игра од вчера во Нов Зеланд и во Австралија, откако го победи некогашниот светски првак, селекцијата на Норвешка, со 1-0. Тоа е прва победа на Нов Зеланд на мундијалите.
Хана Вилкинсон го постигна единствениот гол на натпреварот, пред 42.137 гледачи на стадионот во Окленд, рекорд за фудбалски натпревар во Нов Зеланд, пишува „Би-би-си“. Репрезентацијата на Норвешка беше светски шампион во 1995 година.
Вчера се играше уште еден меч, Австралија го победи дебитантот Република Ирска со 1-0, а денеска на програмата се дуелите Нигерија – Канада, Филипини – Швајцарија и Шпанија – Костарика.


 ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Винегард е на прагот да ја одбрани титулата

Јонас Винегард од Данска е на прагот да ја задржи титулата освоена лани на Тур де Франс, откако по тешката годинашна 17-та етапа оствари водство од повеќе од седум минути пред двократниот победник велосипедската грантур-трка Тадеј Погачар од Словенија, кој на Тур де Франс славеше во 2020 и во 2021 година.
Феликс Гал од Австрија победи на таа етапа со 34 секунди пред Британецот Сајмон Јејтс, а Винегард беше четврти. До крајот на годинашниот Тур остануваат уште четири етапи. Досега 21 велосипедист забележале повеќе од една титула на Тур де Франс.
Пласман по 17-та етапа: Јонас Винегард, Тадеј Погачар (плус 7:35 минути), Адам Јејтс (плус 10:45 мин.), Карлос Родригез Кано (плус 12:01 мин.), Сајмон Јејтс (плус 12:19 мин.)…


ВАТЕРПОЛО – СП 2023 ВО ЈАПОНИЈА

По две кола, три репрезентации веќе се во четврт-финалето

Финалистите од минатото Светско првенство (СП), планетарниот првак Шпанија и вицешампионот Италија, како и Унгарија, по две кола на Мундијалот во Јапонија веќе се пласираа во четврт-финалето. Тие ги обезбедија првите места во своите групи (Б, Ц и Д), а за четвртиот директен пласман во четврт-финалето денеска ќе играат САД и Грција, од групата А. Селекциите на вторите и на третите места ќе настапат прво во осминафиналната фаза, а тоа го обезбедија Франција, Канада, Хрватска, Јапонија, Србија, Црна Гора, поразениот од дуелот САД – Грција и победникот на натпреварот Австралија – Казахстан.