ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Винегард ја зголеми предноста

Јонас Винегард го зголеми водството на велосипедската грантур-трка Тур де Франс откако победи на индивидуалниот хронометар на 16-та етапа. Данецот, кој е актуелен шампион на Тур де Франс, победи на патеката долга 22,4 километри и со тоа ја зголеми вкупната предност пред второпласираниот и двократен победник Тадеј Погачар од Словенија од 10 секунди на една минута и 48 секунди. Британецот Адам Јејтс се искачи на третото место во вкупниот пласман на трката што треба да заврши в недела во Париз.
Ова беше само втора победа на Винегард на хронометар во кариерата, по неговиот успех на трка во Шпанија во почетокот на сезоната. Трката вчера се врати на високите планини за 17-та етапа, тешка патека од 165,7 километри со четири големи искачувања.
Пласман по 16-те етапи: Јонас Винегард, Тадеј Погачар (плус 1:48 минути), Адам Јејтс (плус 8:52 мин.), Карлос Родригез Кано (плус 8:57 мин.), Џаи Хиндли (плус 11:15 мин.)…


ТЕНИС

По четири децении одново победува еден Борг на АТП-турнир

Повеќе од 40 години подоцна има уште еден Борг на листата победници на тениски меч на АТП-турнир, откако Лео Борг, синот на 11-кратниот гранслем-шампион Бјорн Борг, првпат победи во главната ждрепка на АТП-турнејата, на турнир во Шведска, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Швеѓанецот Борг (20) славеше на дуелот со сонародникот Елиас Имер, со 7-6, 6-3.
– Работев многу напорно за ова толку многу години. И денес победив и многу сум среќен со тоа како настапив и како бев силен ментално – вели Борг, кој ги загуби претходните два натпревара на ниво на АТП-турнеја.
Бјорн Борг е една од најголемите тениски ѕвезди досега, освои вкупно 11 гранслем-титули, вклучувајќи и пет во низа трофеи на турнирот во Вимблдон од 1976 до 1980 година и шест на Ролан Гарос (1974, 1975 и од 1978 до 1981 година), пред да се пензионира на 26 години.


ВАТЕРПОЛО

Медалистите од минатото СП имаат максимален ефект на актуелниот Мундијал

Четири репрезентации имаат максимален ефект по првите две кола на Светското првенство (СП) во ватерполо, кое се игра во Јапонија. По шест бода освоија селекцијата на актуелниот светски првак Шпанија, актуелниот светски вицешампион Италија, како и репрезентациите на Грција, која освои бронза на минатото СП, и на Унгарија. Две победи во првите две кола може да има и селекцијата на САД, која вчера играше со Австралија. Првопласираните од секоја од четирите групи ќе игра во четврт-финалето, а репрезентациите на второто и на третото место прво ќе настапат во осминафиналните дуели.