Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА
Македонија 64-та, лидерот Бразил ја зголеми предноста

Македонската репрезентација е 64-та на јунската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), две места подолу од претходното рангирање, објавено во март. На првото рангирање годинава, во февруари, Македонија беше на 67-то место. Бразил ја зголеми предноста на врвот, пред Белгија (бодовната разлика сега е 15, а претходно беше пет бода), а Аргентина сега е трета, истиснувајќи ја Франција, која сега е четврта. Англија остана на петтото место, а потоа се Шпанија, Италија, Холандија, Португалија, Данска итн.
Вкупно 280 меѓународни натпревари се одиграа во периодот помеѓу две рангирања, а од 211 репрезентации, 177 го сменија пласманот. Со скокот од 11 места, репрезентацијата на Казахстан (114-та) има најголем напредок во ова издание на листата, објави ФИФА на својата интернет-страница. Следното рангирање на ФИФА треба да биде објавено на 25 август.


Ледецки сега има 21 медал од СП, рекорд меѓу пливачките

Американката Кејти Ледецки освои уште еден златен медал на Светското првенство (СП) во пливање во Будимпешта (Унгарија), во штафетната трка на 4×200 метри слободно. Таа претходно победи и во трките на 400 метри и на 1.500 метри слободно и сега има рекорден 21 медал од мундијалите во женска конкуренција (18 злата и три сребра).
Со тоа, Ледецки ја надмина сонародничката Натали Кафлин, која освоила 20 медали на СП (осум злата, седум сребра и пет бронзи). Само двајца пливачи, Американците Мајкл Фелпс (33 медали) и Рајан Лохти (27 титули) имаат освоено повеќе медали на СП од Ледецки, која се изедначи со Лохти според бројот на златните медали (18), а има осум помалку од Фелпс (26).
Канаѓанецот, 15-годишниот Самер Мекинтош стана најмладиот освојувач на златен медал на СП по 2011 година (Је Шивен), победувајќи во трката на 200 метри пеперутка со светски јуниорски рекорд, 2:05,20 минути. Романецот Давид Поповичи (17) стана првиот пливач што победил на 100 и на 200 метри слободно, по првото СП 1973 година во Белград, кога тоа му успеа на Американецот Џим Монтгомери.


Медицинскиот персонал што се грижеше за Марадона на суд

Осум медицински лица ќе се најдат на суд поради обвинение за криминално невнимание при смртта на легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона. Судијата нареди да им се суди за убиство, откако лекарската комисија утврдила дека третманот на Марадона бил полн со „недостатоци и неправилности“, пишува „Би-би-си“.
Марадона почина во ноември 2020 година, од срцев удар, во Буенос Аирес, на 60-годишна возраст. Тој закрепнуваше дома по операцијата на згрутчување на крвта на мозокот направена истиот месец. Неколку дена по неговата смрт, аргентинските обвинители почнаа истрага против лекарите и медицинските сестри вклучени во неговата грижа. Минатата година, комисијата од 20 експерти што ја испитуваа смртта на Марадона открила дека медицинскиот тим постапил на „несоодветен, дефицитарен и непромислен начин“, а заклучено е и дека фудбалерот „ќе имал поголеми шанси за преживување“ со адекватен третман во соодветна медицинска установа, се вели во судската одлука, пренесе „Би-би-си“. Марадона се смета за еден од најголемите фудбалери на сите времиња. Тој беше капитен кога Аргентина победи на Светското првенство во 1986 година.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Првпат ќе се вози и Тур де Франс за жени

По повеќегодишно чекање, останува само уште еден месец до почетокот на велосипедската трка за жени Тур де Франс. Трката треба да почне на Елисејските полиња во Париз, на последниот ден од машката трка, на 24 јули, и да заврши на Ла Планш, во планинскиот источен дел на Франција, на границата со Германија, една недела подоцна.
Ова е втора грантур-трка за жени, по Џиро д’Италија, која треба да се вози годинава од 30 јуни. Велосипедистките од 24 тима, колку што се најавени за трката во осумте етапи, ќе треба да извозат 1.029 километри.
Првата трка слична на машкиот Тур де Франс се возеше во 1955 година. Од 1984 до 1989 година се одржуваше женскиот Тур де Франс, но под други имиња. Последната слична трка се возеше пред 13 години, а од 2014-та, кога во рамките на Тур де Франс се одржа еднодневна трка околу Париз, се возеа ревијални трки на различни локации низ Франција.
И на женската трка ќе има жолта маичка за победничката во генерален пласман, зелена маичка за бодовен пласман, точкеста маичка за најдобрите на планинските етапи и бела маичка за најдобрите млади велосипедистки. Наградниот фонд ќе изнесува 250.000 евра, што ја прави најбогата трка во женскиот велосипедизам.

Л.Д.