СП ЗА МЛАДИ ШАХИСТИ, ОСМО КОЛО

Цел поен за Петровски, половина за Вукашиновиќ

Македонските претставници освоија 1,5 поен од можни четири во осмото од вкупно 11 кола на Светското првенство (СП) за шахисти до осум, 10 и до 12 години, во Египет. На СП 2023 настапуваат вкупно 502 шахисти од 66 држави, од кои четворица се ФИДЕ-мајстори (ФМ).
Во категоријата до 12 години, Никола Петровски (1.427, рангиран 69-ти пред СП) со бели фигури освои цел поен против Египќанецот Арнав Вијај (1.588, рангиран 55-ти). Во категоријата до осум години Јован Вукашиновиќ (рангиран 86-ти) со бели фигури ремизира со Чехот Петр Стрихавка (1.034, рангиран 56-ти). Во категоријата до 10 години, Мартин Гоцев (рангиран 103-ти) со црни фигури загуби од Русинот Владимир Трегубенко (1.249, рангиран 69-ти) и Ина Крумова (рангирана 44-та) со црни фигури загуби од Италијанката Ана Гарбарино (рангирана 38.).
Засега најуспешен македонски претставник е Петровски со четири поени (50 отсто) и е на 52-то место, со играчки перформанс од 1.563 поени и 35,6 новоосвоени рејтинг-поени. Вукашиновиќ е 63-ти со 3,5 поени, Гоцев е 105-ти со два поена, а Крумова е на 57-то место, исто така, со два поена. Г.И.


ЏУДО – ТУРНИР „ТРОФЕЈ НИКШИЌ“
Четири медали за Сеишин

Младите џудисти на прилепскиот клуб Сеишин, предводени од тренерите Марио Тошески и Дејан Мицкоски, освоија вкупно четири медали, од кои еден златен, два сребрени и еден бронзен, на силниот меѓународен турнир „Трофеј Никшиќ“ во Црна Гора. Прилепчани настапија со шестмина натпреварувачи, а злато освои Тамара Илиоска, сребрени медали освоија Теодора Илиоска и Матеја Николоска, а бронзата ѝ припадна на Јана Ангелески.
Според информации од тренерите на прилепскиот клуб, на турнирот иако не освоиле медал, одлични борби на татамите прикажале и Владан Стрезовски и Ване Ацески. На турнирот учествуваа вкупно 37 клуба од Србија, Хрватска, БиХ, Словенија, Македонија и од Црна Гора, со околу 500 натпреварувачи. Г.И.