АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ТРКИ ВО БУГАРИЈА
Двете трети места на Лазарески
Македонскиот алпски скијач Мирко Лазарески успешно ја почна 2026 година со освоените две трети места во слалом во скијачкиот центар Банско (Бугарија). Лазарески постигна најдобри резултати во својата досегашна кариера, покажувајќи дека напорниот тренинг, дисциплината и фокусот на патеката даваат резултати, информира Скијачката федерација на Македонија (СФМ). Во првата трка, тој освои 42,23 ФИС-поени, а во втората 42,42 ФИС-поени во конкуренција на 36 натпреварувачи.
– Мирко почна одлично и со овој успех ја потврдува својата растечка форма. Продолжуваме напорно да работиме за уште подобри резултати сезонава – вели неговиот тренер Антонио Ристевски, пренесе СФМ. Г.И.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Олимпискиот првак Ноел победи во легендарниот ноќен слалом
Клеман Ноел (Франција) го одбра идеалното време за да го покаже своето најдобро скијање во сезоната, стигнувајќи до возбудлива победа во легендарниот ноќен слалом во Мадона ди Кампиљо во средата, во Светскиот куп во алпско скијање, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Со пет трки во слалом во Светскиот куп во јануари, плус Зимските олимписки игри (ЗОИ) во почетокот на февруари, актуелниот олимписки првак во слалом, Ноел, уште еднаш докажа дека неговиот темпирање е исклучително, пишува ФИС. Тој победи пред лидерот по првото возење, Едуард Халберг (Финска), со 12 стотинки предност, а Пако Расат ја заокружи одличната ноќ за Франција освојувајќи го третото место, пишува Интернационалната скијачка федерација.
Во поредокот за слалом сезонава во Светскиот куп води Тимон Хауган од Норвешка со три бода повеќе од второпласираниот Ноел и 45 поени повеќе од Расат. Светскиот куп за скијачи продолжува викендов со велеслалом (сабота) и со слалом (недела) во швајцарскиот Аделбоден, а за скијачки во австрискиот Цаухенсе со спуст утре и со супервелеслалом задутре. Н.М.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – НОВОГОДИШНА ТУРНЕЈА
Превц ја освои својата прва титула на Четирите скокалници
Домен Превц ја освои својата прва титула на традиционалната новогодишна турнеја Четири скокалници во скијачки скокови, станувајќи третиот Словенец што го освоил трофејот, следејќи ги стапките на Примож Петерка (победи во 1997 година) и постариот брат на Домен, Петер Превц (во 2016-та), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
На четвртиот натпревар сезонава, во Бишофсхофен (Австрија), Превц беше втор зад минатогодишниот победник на новогодишната турнеја, Даниел Чофениг (Австрија), но неговите конзистентни резултати на сите четири натпревари му го обезбедија триумфот во генералниот пласман на 74-то издание на Четирите скокалници, пред Австријците Јан Херл и Стефан Ембахер.
Превц, кој на годинашната новогодишна турнеја победи во Оберсдорф и во Гармиш-Партенкирхен и беше втор во Инсбрук и во Бишофсхофен, води во генералниот пласман во Светскиот куп, со 388 бода повеќе од второпласираниот Рјоју Кобајаши (Јапонија). Н.М.
































