НОРДИСКО СКИЈАЊЕ

Јада и Цветановска имаа успешни настапи

Македонскиот репрезентативец Ставре Јада продолжува да ги освојува снежните патеки и со голема посветеност да ја претставува Македонија. Изминатиот викенд Јада се натпреваруваше на две трки во рамките на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) во конкуренција со врвни светски скијачи, потврдувајќи дека македонското скијање има свој силен амбасадор на меѓународната сцена. Во саботата во Санта Катерина Валфурва (Италија), на трката на 10 км, тој го освои 33-то место од 55 натпреварувачи, со 118 ФИС-поени, а следниот ден, во Сент Мориц (Швајцарија), на истата делница го освои 23-то место од 103 учесници, со 115 ФИС-поени, информираат од Скијачката федерација на Македонија (СФМ), додека Ана Цветановска го освои 40. место од 50 натпреварувачки, со 237,18 ФИС-поени. Во скијањето колку има помалку поени толку е подобро.
Претходно македонските репрезентативци Цветановска и Јада имаа успешен почеток на меѓународната сезона, со трките во Бесан (Франција). На трката од 10 км Јада во конкуренција на 53 натпреварувачи го освои 36-то место и впиша 139 ФИС-поени, а Цветановска се пласира на 30-та позиција, освојувајќи 245 ФИС-поени, информираат од СФМ.
Во тек е обезбедувањето квоти за настап на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо в година, а Јада обезбеди квота со резултатите на Светското првенство во март годинава во Норвешка. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Џиро д’Италија в година ќе почне во Бугарија

Бугарија ќе биде домаќин на првите три етапи од велосипедската трка Џиро д’Италија во 2026 година, пишува „Би-би-си“. Тоа ќе биде втора година во низа оваа трка да почне надвор од Италија, откако Албанија беше домаќин на првите три етапи од трката годинава. Џиро д’Италија од 2010 година седум пати почна во странство. Тринеделниот настан треба да се одржи од 8 до 31 мај, со цел во Рим. Изданието во 2026 година ќе опфати 3.458 км, со вкупно околу 50.000 метри зголемување на надморската височина, пишува „Би-би-си“.
Џиро д’Италија за велосипедистки треба да почне на 30 мај во Чесенатико, на источниот брег на Италија, а по девет етапи целта треба да биде на 7 јуни, во Салуцо. Двократната победничка Елиса Лонго Боргини ќе ја брани титулата на домашен терен, а Британецот Сајмон Јејтс е актуелен победник во машка конкуренција. Џиро д’Италија е една од трите грантур-трки во велосипедизмот, заедно со Тур де Франс во Франција и со Вуелта во Шпанија, пишува „Би-би-си“. Г.И.