ТЕНИС – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА САД
Ветеранката Вилијамс поразена од Мухова
Американската тенисерка Венус Вилијамс (43) го заврши своето учество на Отворенoто првенство на САД, откако во првото коло загуби од 13-та светска тенисерка Каролина Мухова од Чешка со 3-6, 6-2, 1-6. Мухова, која беше полуфиналистка на претходните две изданија на гранслем-турнирот САД опен во Њујорк, славеше по 120 минути игра. Ветеранката Вилијамс, седумкратната шампионка на гранслем-турнирите, на тој начин не успеа да го повтори успехот на турнирот во Вашингтон, каде што ја забележа својата прва победа по 16-месечна пауза на крајот на јули.
За постарата сестра Вилијамс, ова беше нејзин последен настап на американската турнеја на тврда подлога, која ја заврши со една победа и три порази. Поранешната светска тенисерка број еден, моментално рангирана на 582-то место на листата на ВТА, играше на Отвореното првенство на САД, благодарение на посебната покана, која ја доби од страна на организаторите на турнирот.
Во второто коло по вчерашниот ден, се пласираа уште Русинката Мира Андреева, Полјачката Магдалена Фреч, Унгарката Ана Бондар, Американката Пејтон Стернс и Турчинката Зејнеп Сонмез. Г.И.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ГРАНТУР-ТРКА ВУЕЛТА
Французинот Году најбрз на третата етапа
Францускиот велосипедист Давид Году триумфираше на третата етапа на грантур-трката Вуелта (Шпанија). Году ја помина полупланинската делница од Сан Маурицио до Черера, долга 138,5 км, за два часа, 39 минути и 24 секунди. Тој беше најбрз во спринт-завршницата пред Данците, Мадс Педерсен од тимот Лидл-Трек и лидерот во генералниот пласман, Јонас Вингегор, од тимот Висма.
– Беше изненадување, да, оти утрово во автобусот си помислив дека целта е повеќе за Педерсен, но тие рекоа дека можам да победам. Тимот заврши многу, многу добра работа и многу сум горд што победив. Ова е најдобриот почеток на Вуелта – рече задоволно Году.
Вингегор ја задржа црвената маичка за лидер во генералниот пласман. Тој води со време од 10 часа, 56 минути и 36 секунди и има исто време со второпласираниот Году, додека третопласираниот, Италијанец Џулио Чиконе од тимот Лидл-Трек, доцни осум секунди зад него. Следната етапа, исто така полупланинска делница од 206,7 км, се возеше вчера од Суса до Воирон. Г.И.