ТЕНИС
Нов формат, исти шампиони – Ерани и Вавасори славеа на САД опен
Натпреварот во мешани двојки на тенискиот гранслем-турнир САД опен се играше со иновативен нов формат, со многу од најдобрите светски тенисери и тенисерки во поединечна конкуренција, во четири кола во два дена, а едно нешто остана исто, шампионките, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Сара Ерани и Андреа Вавасори ја комплетираа својата успешна одбрана на титулата на САД опен во средата, со победа во финалниот натпревар против Каспер Руд и Ига Швјонтек, со 6-3, 5-7, 10-6. Италијанците загубија само еден сет на турнирот, на кој за триумфот поделија чек од еден милион долари, пишува АТП. Мечевите на турнирот се играа во два добиени сета, а секој сет се играше до четири освоени гема, без предност, што значеше дека при нерешен резултат 40-40 гемот го добива тимот што го освојува следниот поен…
– Сакам да ѝ се заблагодарам на Ерани. Правиме нешто неверојатно во овие две години. Морам да ти се заблагодарам за енергијата што ја вложи на теренот. Неверојатно е за мене да играм со тебе, ти благодарам – рече Вавасори, а Ерани изјави: „Уживам толку многу играјќи со тебе. Ги споделуваме овие моменти, кои се незаборавни, па затоа сум навистина среќна што ги споделувам со тебе“, пренесе АТП. Н.М.
ФУДБАЛ
Нов рекорд во Премиер-лигата
Вложувањата на клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига во летниот преоден рок од вчера се рекордни 2,37 милијарди фунти, според податоците од „Фудбал трансфер“, пишува „Би-би-си“. Премиерлигашите досега летово потрошиле повеќе од претходниот рекорд во еден преоден рок, кој изнесуваше вкупно 2,36 милијарди фунти, остварен во летниот преоден рок во 2023 година. Вкупно шест клуба од најсилната англиска фудбалска лига ги соборија своите клупски рекорди за трансфери летово, и тоа Брентфорд, Борнмут, Барнли, Сандерленд, Нотингем форест и Ливерпул. Н.М.
ФУДБАЛ – ФИФА
Единствена шанса за навивачите да поседуваат дел од теренот од
финалето на клупското СП
На навивачите низ светот им е дадена можност да поседуваат уникатно парче од фудбалската историја, коцка обложена со стакло што содржи вистинска трева и земја од теренот на кој се играше финалето на клупското Светско првенство (СП), објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Парчиња од тревникот на стадионот „Метлајф“ беа стратешки избрани, исечени и зачувани за навивачите да уживаат, пишува ФИФА.
Тревникот сега е претворен во целосно автентичен, единствен колекционерски предмет што е достапен за продажба во продавницата на ФИФА додека има резерви. Артиклите од финалето на клупското Светско првенство се украсени со логото на клупскиот Мундијал, датумот и местото на натпреварот и конечниот резултат, Челси – ПСЖ 3-0, пишува ФИФА.
Уникатниот колекционерски предмет од инаугуративниот турнир со 32 екипи одбележува еден историски момент во клупскиот фудбал, пишува Светската фудбалска федерација. Н.М.
ФИБА
Кошарката на ЛОИ 2028 ќе почне два дена пред отворањето на Игрите
Кошарката на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година ќе почне два дена пред церемонијата на отворање, потврдија организаторите, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Светската кошаркарска федерација (ФИБА) соопшти дека го разгледала ревидираниот кошаркарски распоред за Лос Анџелес и дека натпреварите ќе почнат пред церемонијата на отворањето. Не е јасно дали машкиот турнир, женскиот турнир или и двата ќе почнат пред официјалното отворање, а прелиминарниот распоред објавен минатиот месец предвидува три кошаркарски натпревари на 12 јули и уште три на 13 јули, пишува АП.
– Ова приспособување овозможува четврт-финалето да се игра во текот на два дена и ќе обезбеди ниту еден натпревар да не почне порано од пладне, подобрувајќи го целокупното искуство за играчите, репрезентациите, гледачите и радиодифузерите – пишува ФИБА во соопштение за медиумите, пренесе АП.
Натпреварите за бронзени медали ќе се играат на 28 и 29 јули, а натпреварите за златни медали на 29 и 30 јули, кога е последниот ден од ЛОИ 2028, пишува АП. И во неколку други спортови се закажани натпревари пред церемонијата на отворање на Игрите, и тоа во хокеј на трева, рагби седум, ватерполо, ракомет, крикет и во фудбал. Трката во кану-слалом во Оклахома Сити се очекува да почне утрото на 14 јули, неколку часа пред церемонијата на отворање во текот на истиот ден, на околу 1.931 км оддалеченост, пишува АП.
САД се актуелни олимписки кошаркарски шампиони во машка и во женска конкуренција. Кошаркарките освоија осум златни медали по ред, а кошаркарите пет во низа, пишува АП. Н.М.