ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Тадеј Погачар израмни достигнување на Еди Меркс од пред 55 години
Ремко Евенепул победи на индивидуалната хронометарска етапа, петта на годинашната велосипедска грантур-трка Тур де Франс, а Тадеј Погачар ја презеде жолтата маичка од Матие ван дер Пул, како водечки во генералниот пласман.
Белгиецот Евенепул, кој е светски и олимписки шампион во таа дисциплина, го оправда прогласувањето за фаворит на 33-километарската маршрута околу Кан, пишува „Би-би-си“. Тој постигна просечна брзина од 54 км/ч и имаше 16 секунди побрзо време од Словенецот Погачар, а Италијанецот Едоардо Афини беше трет, со 33 секунди побавно време.
Погачар беше големиот добитник на денот по одличното возење што го направи. Данецот Јонас Вингегард, кој двапати победи на Тур де Франс, беше на 13-то место, по што трикратниот шампион Погачар има повеќе од една минута предност пред Вингегард, а Евенепол се искачи на второто место во генералниот пласман со 42 секунди заостанување.
Погачар станува првиот возач што ги носи жолтиот, зелениот и дресот со точки во оваа фаза од Тур де Франс, по Белгиецот Еди Меркс во 1970 година, пишува „Би-би-си“.
Вчера на програмата беше шестата етапа, долга 201,5 км. Пласман по пет етапи: Погачар, Евенепул (плус 42 секунди), Кевин Вокелин (плус 59 секунди), Вингегард (плус 1:13 минута), Матео Јоргенсон (плус 1:22 минута)… Н.М.
КОШАРКА
Објавени се групите за НБА-купот за 2025 година
Актуелниот победник на НБА-купот, Милвоки, ќе ги игра своите натпревари од групната фаза на турнирот идната сезона со Њујорк, Чикаго, Шарлот и со Мајами, објави кошаркарската НБА-лига, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Лигата ги објави групите за третата година од турнирот, кој почнува на 31 октомври. Групните натпревари продолжуваат до 28 ноември.
Четвртфиналињата ќе се одржат на 9 и 10 декември, а полуфиналето на турнирот на програмата е на 13 декември, во Лас Вегас. Шампионскиот натпревар, кој нема да се смета за вкупниот пласман на табелата за регуларната сезона на НБА-лигата и за статистиката во сезоната за ниту еден од вклучените клубови, е на 16 декември во Лас Вегас, пишува АП. Во групата фаза сите тимови ќе одиграат по два меча на гости и дома. Целосниот распоред ќе биде објавен дополнително.
Состав на групите, Источна конференција, група А: Кливленд, Индијана, Атланта, Торонто, Вашингтон; група Б: Бостон, Детроит, Орландо, Бруклин, Филаделфија; група Ц: Милвоки, Њујорк, Чикаго, Мајами, Шарлот. Западна конференција, група А: Оклахома сити, Минесота, Сакраменто, Феникс, Јута; група Б: ЛА лејкерс, ЛА клиперс, Мемфис, Далас, Њу Орлеанс; група Ц: Хјустон, Денвер, Голден стејт, Портланд, Сан Антонио. Н.М.