ОДБОЈКА
Ристовски и Наковски со тренерски сертификат од семинарот на ФИВБ ниво три
Двајца македонски тренери, Жарко Ристоски и Хари Наковски ги надградија своите тренерски биографии со сертфикати од тренерскиот семинар на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) ниво три, кој викендов се одржа во Подгорица (Црна Гора), објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Ристоски и Наковски беа македонски претставници на семинарот на кој учествуваа 20 тренери од целиот свет (Индија, Сингапур, Грција, Макао, Либан, Холандија, Англија, Унгарија, Косово, Турција, Црна Гора и Кипар), а како предавачи се појавија Густаво Мечик, кој беше и директор на семинарот, и турскиот стратег Џенгиз Акарчесме.
Семинарот во Подгорица беше еден од петте тренерски семинари од ваков тип што Светската одбојкарска федерација ги организира годинава и единствен во Европа, со оглед на тоа што другите беа во Нигерија, Еквадор, Јордан и во Алжир, велат од Одбојкарската федерација на Македонија. Г.И.
ТЕНИС
Перикард го собори рекордот за најбрз сервис на Вимблдон
Џовани Мпетши Перикард влезе во книгите со рекорди на гранслем-турнирот Вимблдон во понеделникот откако го погоди најбрзиот сервис во историјата на турнирот, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Французинот во првиот гем од натпреварот со петтиот носител Тејлор Фриц сервираше со брзина од 246 км/ч., осум километри на час побрзо од претходниот рекорд за брзина на сервис на Вимблдон, што го држеше Американецот Тејлор Дент од 2010 година.
Тој меч од првото коло на годинашниот турнир беше прекинат околу 22.20 часот по локално време, со оглед на приближувањето на полицискиот час во 23 часот и тој дуел продолжи вчера, при резултат 2-2 во сетови. Перикард го почна натпреварот со сервис од речиси 240 км на час, соборувајќи го рекордот на Дент уште од самиот почеток на средбата, а кога мечот беше прекинат тој имаше просечна брзина од 221 км/ч. на првиот сервис и 197 км/ч. на вториот сервис, пишува АТП. Н.М.