ШАХ – 58. МЕМОРИЈАЛ „КАПАБЛАНКА“
Евгени Романов го освои четвртото место
Македонскиот велемајстор (ВМ) и челна табла на репрезентацијата, Евгени Романов (2.599 рејтинг-поени), го освои четвртото место на 58-от меморијален шаховски турнир „Капабланка“ во Куба, во конкуренција на пет шахисти, кои играа двокружно секој со секого. Романов во последното 10-то коло ремизира со победникот на турнирот, Јонас Бухл Бјере (2.641) од Данска, и на крајот освои 2,5 поени од осум можни (пет ремија и три порази), остварувајќи играчки перформанс од 2.468 рејтинг-поени. Тој двапати ремизира со Карлос Алборноз Кабрера (2.548) и со Арсени Нестеров (2.587), а загуби од Бјере и двапати од Володар Мурзин (2.658). Табела: Бјере 5,5, Мурзин 5,5, Нестеров 4,5, Романов 2,5, Кабрера 1,5 поен. Г.И.
ФУДБАЛ
Барселона во август се враќа на стадионот „Камп ноу“
Барселона има цел да се врати на својот стадион „Камп ноу“ по две години реконструкција, за претсезонскиот пријателски фудбалски натпревар на 10 август, откако претседателот на клубот, Жоан Лапорта, го одреди датумот кога зборуваше во телевизиско интервју во понеделникот, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Барселона, која ја освои Ла лига оваа сезона, две години играше на градскиот Олимписки стадион, за време на големиот ремонт на „Камп ноу“ за создавање дом со капацитет за 105.000 луѓе, кој ќе биде најголемиот фудбалски стадион во Европа, пишува АП.
Првичната цел беше враќање во ноември 2024 година на делумно завршен стадион, а потоа Барселона во февруари соопшти дека се надева дека ќе игра натпревари на „Камп ноу“ пред крајот на сезонава, со капацитет за 60.000 гледачи. Во февруари беа детализирани плановите за завршување на проектот со додавање покрив на крајот на сезоната 2025/2026. Н.М.
АТЛЕТИКА
Стано за 57 секунди го подобри светскиот рекорд во брзо одење на 35 км
Италијанецот Масимо Стано го собори светскиот атлетски рекорд на 35 км во брзо одење на екипното Европско првенство (ЕП) во Чешка. Олимпискиот шампион од 2021 година ја помина патеката за два часа, 20 минути и 43 секунди, со што го надмина претходниот рекорд на Канаѓанецот Еван Данфи поставен на 22 март годинава, за 57 секунди. Пред него, Јапонецот Кавано Масатора на 27 октомври 2024 година ја помина патеката за два часа, 21 минута и 47 секунди, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Стано освои злато во брзо одење на 20 км за мажи на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио и беше четврти на ЛОИ во Париз лани, освои и златен медал на 35 км на Светското првенство (СП) во атлетика во 2022 година, а ѝ помогна на Италија да освои злато на екипното ЕП во 2023 година. Г.И.