Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Минесота финалист на Западот

Кошаркарите на Минесота се пласираа во финалето на Западната конференција на НБА-лигата, откако го победија Голден стејт со 121-110 во петтиот меч, на домашен терен, на тој начин добивајќи ја серијата со 4-1 во победи. Најзаслужни за тој триумф беа Џулиус Рендл со 29 и Ентони Едвардс со 22 поена, а кај Голден стејт први стрелци беа Брендон Подземски со 28 и Џонатан Камингс со 26 коша. Во финалето на Западната конференција Минесота ќе игра со победникот од дуелот Денвер – Оклахома, а таму резултатот беше 3-2 за Оклахома (утринава се играше шестиот меч).
Бостон го совлада Њујорк пред своите навивачи со 127-102 во полуфиналната серија на Истокот и без помошта на Џејсон Тејтум, кој поради повреда веќе ја заврши сезоната. Сега вкупниот резултат во полуфиналето е 3-2 за Њујорк, кому му е потребна уште една победа за да биде финалист. Дерик Вајт го предводеше Бостон со 34 поени, а Џејлен Браун уфрли 26 коша. Кај Њујорк предничеа Џош Харт со 24 и Џејлен Брансон со 22 поена. Нивниот нов натпревар за место во финалето ќе се игра во Њујорк утре рано наутро. Во оваа конференција Индијана веќе обезбеди финале. Г.И.

НБА, ПЛЕЈОФ

Исток, полуфинале
Кливленд – Индијана 1-4
Бостон – Њујорк 2-3
Запад, полуфинале
Минесота – Голден стејт 4-1
Оклахома – Денвер 3-2
се игра до четири победи


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА

Педерсен со нов етапен триумф го зголеми водството

Лидерот на трката, Данецот Мадс Педерсен, е победник на петтата етапа долга 151 км од годинашното издание на велосипедската трка Џиро д`Италија, со што ја оствари својата трета етапна победа. Италијанецот Едоардо Замбанини речиси го стигна Педерсен на целта, но го освои второто место, а Британецот Том Пидкок е трет, пишува „Би-би-си“.
Педерсен го зголеми своето водство во генералниот пласман на 17 секунди (15 часа, 11 минути, 17 секунди), пред Словенецот Примож Роглич, победникот во 2023 година, а има и убедлива предност и во бодовниот пласман. Трет е Чехот Матијас Вацек, со заостанување од 24 секунди. Вчера се возеше најдолгата етапа на целата трка, во должина од 227 км. Г.И.