ОДБОЈКА
Одредени двојките за полуфиналињата на Купот на Македонија
Финале пред финалето донесе ждрепката за полуфиналните двојки на завршниот турнир во Купот на Македонија во женска конкуренција, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Одбојкарките на Работнички Скопје и Јанта волеј КВ ќе се соочат во полуфиналето кај дамите, на 4 април, што, според досегашните меѓусебни дуели, ќе биде еден од највозбудливите дуели во салата „25 Мај“ во Радовиш. Во полуфиналето ќе се соочат и Наковски волеј и Фит фан волеј. Во полуфиналињата за мажи на 3 април играат бранителот на пехарот Штип УГД и Работнички 71/22, како и Струмица 47/72 – Борец. Финалињата се на програмата на 5 април. Г.И.
СП 2025 ВО НОРДИСКИ ДИСЦИПЛИНИ
Неверојатна златна низа на Норвежанецот Клаебо
Норвежанецот Јоханес Хосфлот Клаебо освои неверојатни шест златни медали од исто толку трки на Светското првенство (СП) во нордиско скијање што вчера заврши во Трондхајм (Норвешка). Тој сега има вкупно 15 златни медали на мундијалите (најмногу во машка конкуренција) и пет на зимски олимписки игри (ЗОИ).
Откако влезе на СП 2025 без победи на далечински трки на олимписки игри или светски првенства, Клаебо на годинашното СП победи во спринт, потоа на 10 км, 20 км и на 50 км и во две екипни дисциплини, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Немам зборови. Ова е многу повеќе отколку што очекував и сонував, па затоа е неверојатно. Чувствувам дека работев толку напорно за да бидам тука и да бидам во најдобра форма да го менаџирам тоа и да можам да освојам шест од шест, тоа е едноставно лудост. Чувствувам дека публиката навистина ми помогна – рече тој. Н.М.
СП 2025 ВО НОРДИСКИ ДИСЦИПЛИНИ
Словенија најуспешна во скијачки скокови
Домен Превц (Словенија) доминираше на машкиот настан на големата скокалница во скијачки скокови и ја освои својата втора титула на Светското првенство (СП) во нордиски дисциплини во Трондхајм (Норвешка). Победата на Превц во саботата следува по неговиот златен медал во четвртокот во тимска конкуренција за мажи.
По осум дена натпреварување на годинашниот Мундијал, репрезентацијата на Словенија е на врвот на табелата, со медали во скијачки скокови со четири злата и едно сребро. Два од четирите златни медали на Словенија ѝ припаѓаат на помладата сестра на Превц, 19-годишната Ника Превц, која освои и сребрен медал во натпреварот во мешани тимови. Репрезентативците на Норвешка освоија најмногу медали, вкупно шест, од кои по три златни и сребрени и еден бронзен. Н.М.